Меркел: не им дадовме да дишат

Ангела Меркел ја слави победата против Аргентина

Германската канцеларка одушевена од играта на репрезентацијата. Светските медиуми веќе ја гледаат Германија како иден светски првак
Германската канцеларка Ангела Меркел не го криеше одушевувањето од убедливата победа против Аргентина во четвртфиналето на Светското првенство.
„Оваа победа е како сон. Имаме млада и квалитетна екипа која не им даде на Аргентинците да дишат“ рече Меркел по натпреварот кој го следеше од ложата заедно со претседателот на Јужна Африка Јакоб Зума и со првиот човек на ФИФА Сеп Блатер.

Инаку, во цела Германија се славеше импресивната победа, а најмасовно беше во срцето на Берлин, каде што во паркот покрај Бранденбуршката врата се собраа 300 илјади навивачи кои на огромен екран го следеа мечот и бурно го поздравуваа секој гол.

Убедливата победа и одличната игра се одбележуваат и во сите светски медиуми. Британскиот Дејли телеграф објави текст под наслов Идните светски прваци, во кој ја фали играта на Германците. ББЦ објави дека германската претстава против Аргентина можеби е почеток на раѓањето на една голема екипа. Гардијан, пак, пишува дека Германија го понижила Марадона и го натерала да плаче.