Назадува борбата против трговијата со луѓе

Македонија е извор, транзитна зона и крајна дестинација за жени и деца присилени на проституција и работа, а кои доаѓаат од Албанија, Косово и Бугарија, се вели во извештајот на американскиот Стејт Департмент за трговијата со луѓе. Македонија, годинава бележи пад и е во групата земји кои не се придржуваат целосно до минималните стандарди.
Во Министерството за внатрешни работи велат дека извештајот на Стејт департментот за трговија со луѓе го сфаќаат сериозно. Годинава, Македонија падна едно место подолу и е рангирана во групата земји кои не се придржуваат целосно до минималните стандарди, но прават значителни напори во борбата со трговијата со луѓе.
Сите тие случаи каде беа обезбедени докази за процесуирање резултираа со поднесување кривични пријави, а меѓу овие случаи беше и случајот против лице вработено во МВР, кој беше осомничен дека е организатор на група која извршила кривично дело трговија
со луѓе.


Портпаролот на Министерството за внатрешни работи Иво Котевски вели дека тие ќе направат се` што е во нивна надлежност за да ги имплементираат препораките на американската влада, за Македонија догодина повторно да се најде во групата најдобро оценети земји. Во извештајот на Стејт департментот се наведува дека лани во Македонија нема осудено ниту еден човек за трговија со луѓе.

„Сите тие случаи каде беа обезбедени соодветни докази за натамошно процесуирање резултираа со поднесување кривични пријави, а меѓу овие случаи беше и случајот во којшто беше поднесена кривична пријава и против лице вработено во МВР, кој беше осомничен дека е организатор на група која извршила кривично дело трговија со луѓе“, вели портпаролот на МВР Иво Котевски.

Извештајот за трговија со луѓе
Стејт департментот препорачува, Владата да ја зајакне соработката со невладиниот сектор. Најголемата невладина организација во Македонија што обезбедува заштита и помош за жртвите на трговија со луѓе на домашен терен, и натаму егзистира главно од помошта од меѓународни донатори, се вели во документот.
Оваа забелешка се однесува на невладината организација Отворена порта Ла Старада. Во изминативе 5 години, од кога постои нивното прифатилиште, тие имаат згрижено 58 жртви на трговија со луѓе. Маја Варошлија од Отворена порта Ла Страда вели дека препораките и приказот на состојбите во извештајот соодветствуваат и со нивните согледувања на состојбата на терен.

„Активно се водат преговори со владините институции за отпочнување партнерство за да се подобри заштитата на жртвите со трговија со луѓе. Отворена порта веќе пет години раководи со прифатилиште за сместување и поддршка на жртви на трговија со луѓе и во него се спроведува програма за рехабилитација која треба да биде поддржана и од локалните центри за социјална работа.“

Таа вели дека судските постапки што се водат за делата поврзани со трговија со луѓе треба поефикасно да бидат спроведувани.

Во извештајот на Стејт департментот се препорачува Македонија енергично да истражува, процесуира, осуди и затвори трговците со луѓе, вклучувајќи ги и јавните службеници што се вклучени во такви дела. Македонија е оценета како земја што е извор, транзитна зона и крајна дестинација за жени и деца, присилени на проституција и работа, а кои доаѓаат од Албанија, Бугарија и Косово. Македонските жртви и жртвите кои биле пренесувани низ Македонија, пак, завршувале во Јужна, Централна и Западна Европа.

Криминолозите објаснуваат дека трговците со луѓе и шверцерите со емигранти ја користат Македонија затоа што границите со соседите се ридско-планински и тешко проодливи, а тоа им оди од рака на криминалците. Тие велат и дека Македонија е атрактивна за шверцерите со луѓе токму поради тоа што се граничи со земја членка на Европската унија, од каде е полесно да се замине во некоја од земјите од Западна Европа.