Облакот од вулкански прав пак предизвикува проблеми

Стотина летови на аеродромите од Лисабон до Минхен беа откажани вчера поради облакот од пепел од вулканот во Исланд. Сите летови од португалскиот град Порто беа откажани, но се очекува денеска воздушниот сообраќај да се нормализира. Повеќе од 200 летови во Португалија беа откажани , вклучувајќи ги и летовите од аеродромот во Лисабон, каде утре треба да пристигне папата Бенедикт Шеснаесетти во четири-дневна посета на земјата. Вулканскиот облак предизивика проблеми во воздушниот сообраќај во повеќе земји од Јужна Европа особено во Франција и Италија, а продолжува кон Австрија и Германија. И јужниот дел на воздушниот простор во Чешка беше затворен , но аеродромот во главниот град Прага функционираше, бидејќи не бил под влијание на вулканскиот облак, соопштија воздухопловните власти.