Грчкиот „џанк“ долг ја растресе еврозоната

Протести во Грција против владините антикризни мерки

Првиот човек на Меѓународниот монетарен фонд изјави дека грчката криза ја довела во прашање довербата во еврозоната. Неофицијално, се проценува дека за спас на грчката економија ќе биде потребно инвестирање на стотина милијарди евра во следниве три години
Додека од Меѓународниот монетарен фонд предупредуваат дека грчката криза ја растресува довербата во еврозоната, од Европската унија и Европската комисија велат дека можат да гарантираат стабилност. Шефот на ММФ Доминик Штраус Кан денеска изјави дека загрозена е довербата во целата еврозона

„Секако, економската стабилност на Грција е доведена во прашање, но проблемот е поголем. Грција е дел од еврозоната, која има солидарна структура. Довербата во оваа зона е доведена во опасност и затоа мора брзо да се реагира“, рече првиот човек на фондот.

Изјавата на Штраус Кан следи по денешната средба во Берлин, свикана по потресот на светските финансиски пазари, откако
Грција е дел од еврозоната,
која има солидарна структура.
еврото доживеа рекорден пад во изминативе година дена во однос на американскиот долар. Пад забележа и грчкиот кредитен рејтинг. Меѓународните агенции го прогласија грчкиот долг за, популарно кажано, „џанк“ со висок ризик.

Европската помош за Грција, според повеќемина лидери, е единствениот начин за стабилизирање на состојбата. Уверен сум дека Грција ќе го добие пакетот помош на време, со цел да се осигура стабилноста на еврозоната, рече денеска претседателот на Европската унија Херман Ван Ромпуј. Претходно, првиот човек на Европската комисија Жозе Мануел Баросо изјави дека Унијата и Европската централна банка се детерминирани да ја гарантираат стабилноста на еврозоната. Единствениот скептик во целата ситуација е Германија. Канцеларката Ангела Меркел изјави дека Берлин ни со цент нема да и помогне на Атина доколку Грците не излезат со повеќегодишен кредибилен план за излез од кризата.

„Јас сум многу јасна. Германија ќе помогне ако се исполнат предусловите. За тоа се потребни денови мирни и решителни преговори. Ние сме одговорни за стабилноста на еврото, но и Грција треба да го направи својот дел“, рече Меркел.

Инаку, од германската влада се очекува да одвои 8,4 милијарди евра за спас на Грција.