Имер Селмани, претседател на ,,Нова Демократија"

Имер Селмани

Нашата препорака е, штом и двете партии значи ВМРО ДПМНЕ и ДУИ побараа мандати од граѓаните во 2008 година и добија мандати, ветија дека Македонија ќе ја внесат во НАТО и ЕУ, тоа не го прават, мислам дека е чесно да се откажат и да излезат пред јавноста, да кажат дека се немоќни да го решат проблемот за името.
Г-дине Селмани со формирање на влада во сенка и се поголемо присуство на теренот, дали вашата партија влезе во изборна кампања и потребни ли и се на Македонија избори или има поприоритетни проблеми?

Во изборна кампања ќе влеземе во моментот кога ќе се прогласат изборите, меѓутоа цениме дека политиката која што се води од страна на владеачката гарнитура ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, зрачи премногу негативно мислам дека не само во јавноста туку и кај секој граѓанин на Република Макеоднија, ги руши основните столбови на ова општество, перспектива за развој на економијата, на државата она како што посакуваме, толерантна кон секој поединец, со еднакви права и можности на Албанците, Македонците. Се разбира гледајќи го сето ова, ние неможеме да останеме неми, затоа што сме дел од оваа држава, дел сме од политичкиот живот и затоа нашата парија формираше Влада во сенка, којашто сите подрачја темелно ги обработува, излегува со свои понуди, не само за критика, туку и со свое видување и се разбира дека ние апсолутно секој ден сме на терен, затоа што очигледно дека ДУИ во моментот апстинира од теренот, се плашат да бидат во контакт со граѓаните, затоа што од тоа што ветуваа за година и пол, две, ништо не реализираа, а од друга страна ВМРО ДПМНЕ се разбира дека не е заинтересирана премногу за населените места каде што живееат Албанците, Турците итн. и останува една празнина што ние како опозициона партија ја пополнуваме.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Imer Selmani


Дали во случај на нерешавање на спорот за името со Грција, во наредниот период би поддржале дистанцирање на албанските партии од Владата или секоја партија треба да има индивидуален пристап и како би се однесувале Вие?

Формирањето на Владите во суштината, се во суштина се резултат на изборните процеси, односно на бројот на освоени парламентарни места. Ценам дека во овој период, значи по изборите во 2008 година, мнозинството е во рацете на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ и тие имаат апсолутна можност да го решат овој спор. Очигледното нерешавање на спорот, докажува дека се немоќни, без визија и без желба за решавање на проблемот, дури се и без желба и немоќни да го споделат проблемот со опозицијата, така што ние немаме ниту информации, ниту податоци што се случува иако ние перманентно инсистираме да го помогнеме овој процес затоа што сме суштински заинтересирани да го решиме и да деблокираме интегративниот процес на нашата држава. Ценам дека излегувањето на политичката партија ДУИ од Владата ќе биде нивна одлука, меѓутоа одлука која што би можела на некој начин не само да го акцелира процесот на евентуални предвремени избори, меѓутоа одлука која што навистина би била со тешки последици не само во надворешната политика, туку и во однос на внатрешната политика. Нашата препорака е, штом и двете партии значи ВМРО ДПМНЕ и ДУИ побараа мандати од граѓаните во 2008 година и добија мандати, ветија дека Македонија ќе ја внесат во НАТО и ЕУ, тоа не го прават, мислам дека е чесно да се откажат и да излезат пред јавноста, да кажат дека се немоќни да го решат овој проблем, затоа што незнаат како и неможат да ја донесат одлуката за да понатаму нашата држава се развива.

Дали ДУИ има пасивна улога во Владата или треба да остане во неа до решавањето на спорот со Грција?

Мислам дека ДУИ со своите 18 пратеници треба да има активна улога не само за решавање на спорот, ДУИ треба како сериозна политичка партија да си ја врши својата задача и тоа што го ветија пред електоратот, да го исполнува. Од она што тие го ветија ниту 1% не е реализирано. Своето присуство во Владата, ДУИ за жал го сведува на секои два, до три, четири месеци, на вработување на кадри од својот подмладок, значи партиски, толку. Ние немаме никаков удел во политиката на ДУИ за креирање на државните политики. Мислам дека е срамно за нив, меѓутоа сепак тие така одлучиле, пасивно и инфериорно да се однесуваат во таа Влада и мислам дека цената самите ќе си ја платат. За тоа дали да останат или да излезат од Владата, мислам дека тие самите исто така треба да одлучат, меѓутоа нивното останување во Владата вака како што е, мислам дека не е корисно, односно бескорисно е за Албанците, а мислам дека и за државата.

Дали е можно да се најдете на страната на опозицискиот фронт предводен од СДСМ или пак е можна коалиција со ВМРО ДПМНЕ со оглед на тоа на почетокот од формирањето, вашата партија се поврзуваше со актуеалната владеачка партија?

Мислам дека ова последното премногу злонамерно беше протуркувано дека ние имаме некакви односи со ВМРО ДПМНЕ, ние од почетокот сме опозициона партија, од почетокот излеговме со наш концепт, наша програма, со наши кандидатури на локалните и на претседателските избори, дури и пред ДУИ и ДПА да излезат, така што ние апсолутно водиме наша политика. Во однос на ова второто прашање, можноста за коалицирање со СДСМ, ценам дека во моментов ние не се наоѓаме во тој фронт и не се гледаме во тој фронт, меѓутоа понатаму соработката не се исклучува со било која друга политичка партија, вклучувајќи ја и СДСМ доколку имаме заеднички програми и идеи, меѓутоа тоа може да биде само постизборно.

А, со ВМРО ДПМНЕ не би коалицирале ни сега ниту во иднина?


Сега немаме причина да коалицираме, затоа што цениме дека самиот концепт на водење на политиките апсолутно се разликува од концептот и визијата на нашата политичка партија. Уште еднаш ќе потенцирам дека постизборно ние може да седнеме и да ги разгледаме решенијата и ако се согласуваме можеме да коалицираме.

Што би ја дефинирало иднината на едно политичко партнерство?

Иднината на секое политичко партнерство е, не 100% значи неможе да се очекува дека две или три различни политички партии 100% да се согласуваат со концептот и визијата за водење на државата, меѓутоа 90 до 90 отсто, мора две политички партии да се согласат за да можат заеднички да функционираат, да работат на остварување на програмата. Мислам дека предизборните ветувања, веќе постизборно треба да бидат составен дел на програмата на Владата на Македонија. Хендикепот на оваа Влада е што предизборните ветувања на ВМРО ДПМНЕ се составен дел на Владата на Република Македонија, додека на ДУИ не се никаде.

Кога се појавивте со вашата партија сакавте таа да биде од граѓански карактер, но се повеќе вашата партија навлегува во етнички теми. Како го објаснувате тоа?

Сите политички партии во Македонија се граѓански, значи ниту една партија не е национална, еднонационална, така што и нашата партија не еднонационална, значи ние имаме членови Албанци, но и од другите етнички заедници. Она што во нашата платформа и нашиот концепт се добрите меѓуетнички односи, интегративните процеси како приоритет број еден, благосостојбата, економскиот развој, отварањето на нови работни места, значи не е само граѓански концепт, туку концепт кој што им одговара на сите етнички заедници. Во последно време посебно со појавувањето на енциклопедијата, па понатаму со проектот ,,Скопје 2014" кој што внесе многу немир, односно веќе создаде ѕидови помеѓу Албанците и Македонците, муслиманите, христијаните, понатаму проектот за изучување на македонскиот јазик од прво одделение и бојкотот на истиот од една страна, од друга страна не учењето на албанскиот јазик за македонците и другите етнички заедници во општините каде мнозинство се Албанци, се прашања што ги преокупираат сите граѓани, посебно Албанците и се разбира дека кон оваа тема ние пристапуваме сериозно и сакаме овие теми да ги решиме. Тоа не значи дека една политичка партија која што сака благосостојба нетреба да се вклучи и во решавање на овие тешки и деликатни прашања. Ние го правиме токму тоа, затоа што цениме дека мирот, стабилност, се главен предуслов за да имаме мир во државата и мир дома.