Смртта на родилки во болниците во Прилеп и во Гостивар, е меѓу главните теми изминативе денови во дневните печатени медиуми. Сите пишани медиуми се занимаваат и со проблемот на зголемениот број граѓани од Македонија кои масовно патуваат за Белгија барајќи азил од тамошните власти.
Зачестените смртни случаи на родилки по македонските болници, почочно во прилепската, тетовската и гостиварската, е тема што ја обработуваат сите домашни медиуми. Статијата за прилепскиот случај ,,Утрински,, ја насловува како „Болница на ужасот во Прилеп“, а „Вечер“, пак, јавува дека министерот за здравство Османи најавил детална истрага по смртните случаи на трите родилки за три дена. Не се намалува интересирањето на медиумите и за проблемите на охриѓани со Езерото: Утрински пишува дека зголемувањето на нивото на Охридско Езеро и на подземните води предизвикало преполнување на колекторскиот систем и излевање на фекалиите преку дел од шахтите на канализацијата во градот и во Езерото. Дури во средата припадници на АРМ полнат вреќи со земја(?!) кои ќе се постават на крајбрежните делови во градот, затоа што се најавени нови врнежи, јави Алфа ТВ. Телевизијата пренесе и изјави на граѓани на Охрид на кои не им е јасно зошто вреќите не се полнат со песок, бидејќи земјата можела да направи само проблеми. Најавите за промени на Уставот во делот за избор на членови на Судскиот совет, од страна на шефот на македонската дипломатија Милошоски и првиот човек на Собранието Велјановски, предизвикаа големи реакции кај дел од судската власт, кај правни експерти и кај опозицијата поради сомнежите дека тоа може да предизвика домино ефект, како што го пренесува ,,Утрински,, Стојан Андов, односно дека може секој да излезе со свои идеи и да бара промени на Уставот. СДСМ смета дека и ова било договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ И ДУИ. ,,Време,, јавувајќи за ова, пишува дека „Власта ќе чепка по Уставот“. Сите пишани медиуми во електронските изданија се занимаваат со проблемот на зголемениот број граѓани од Македонија кои, излажани од разни агенции и наводно од агенцијата на пратеникот Амди Бајрам, масовно патуваат за Белгија барајќи азил од тамошните власти. Некои весници ги пренесуваат предупредувањата од Брисел дека националните влади имаат обврска да ги информираат своите граѓани за правата, но и за ограничувањата на визната либерализација. „Утрински“ му обрнува внимание на извештајот на Државниот завод за ревизија дека Агенцијата за странски инвестиции и директорот Виктор Мизо нерационално потрошиле речиси три милиони евра државни пари во 2008 година за прошетките на економските промотори на Владата кои не донесоа ниедна странска инвестиција. Само економскиот спот за Македонија како рај за инвеститорите ,,изел,, 9оо илјади евра народни пари. Истиот весник пишува и дека владата која месечно троши 30 милиони евра за плати на администрацијата ќе има се помалку пари за тоа и дека е краен момент да направи ребаланс на буџетот .“Утрински“ ги пренесува изјавите од Владата дека за тоа било се уште рано.