Мајкл Фриц, директор на УСАИД во Македонија

Мајкл Фриц директор на УСАИД во Македонија

Сметам дека има еден проблем со кој се соочуваат повеќето институции во Македонија, без разлика за кое министерство станува збор, дали е тоа министерството за правда или било кое друго - од една страна во некои институции нема доволно кадри или тие кадри не се соодветно обучени и не знаат што треба да направат со цел да им обезбедат соодветни услуги на граѓаните.
Господине Фриц, за почеток, дали можете да ни дадете еден краток преглед на главните активности на УСАИД во овој период?

УСАИД работи во три сектори тука во Македонија: демократија и управување, економски раст и образование. Во тие три сектори имаме разни проекти кои се фокусираат на различни области. Работиме на децентрализација со ЗЕЛС и локалните самоуправи. Исто така работиме на судските реформи, примарно преку имплементацијата на системот за автоматско менаџирање на судските предмети, кој од неодамна е поставен во судовите низ Македонија. Тука очигледно има и многу обуки. Работиме и во полето на граѓанското општество, на зајакнување на граѓанското општество и соработката со владата но и овозможување на соодветни услуги за граѓаните. Исто така се фокусираме на политиките кои важат за бизнисот. Се целиме кон создавање на средина која е поволна за бизнис.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Mike Fric


УСАИД има програми за подршка на економскиот раст и развој на кои работи заедно со македонската влада. Но, во изминатиов период има поплаки од приватосопственици и забелешки од експерти дека притисокот врз приватните фирми се зголемува. Дали владата го истиснува приватниот сектор?

Немам таков впечаток. Очигледно е дека јавниот сектор може да помогне, да создаде поповолна или понеповолна средина за бизнис. Владата има направени позитивни работи, има намалено одредени давачки и потпомагање на одредени бизнис пракси. Сепак, има уште место за подобрување. Сметам дека претприемачите со кои ние работиме би биле успешни во речиси било каква средина. Тие им се посветени на своите производи и работат кон тоа да станат конкурентни на регионалните пазари. Гледаме одредени успеси, но очигледно бевме во период на економски пад и тоа секако негативно влијаеше на компаниите во Македонија. Јас би рекол дека точно е дека владата секогаш може да стори повеќе и да го фасцилитира процесот. Има многу прашања околу сопственоста на имоти кои дополнително треба да се решат. Сепак, гледано пошироко, ако сте претприемач и ако имате производ кој се бара на регионалните пазари, можете да бидете успешен.

Од 2001 година УСАИД е активен во образованието со мултиетнички програми. Сепак во изминатиов период евидентно е дека се создаваат мултиетнички тензии во образованието. Што може да се направи за да се намалат овие тензии?

Да, така е, имаме програма за образование која најопшто кажано е фокусирана на целокупниот квалитет на образованието. Програмата во мал степен се фокусира и на создавање на средина во која различните етнички заедници, не само македонците и албанците, има и други етнички групи овдека, имаме програма за роми, на пример, ќе можат да работат заедно подобро, ќе имаат заеднички активности и ќе можат да се доживуваат себе си како поединци, а не како стереотипи, за да можат да се согласуваат подобро во секојдневието. Сега, нашите напори во оваа област се релативно мали, а проблемите во Македонија се реални. Ние се надеваме и ги планираме нашите нови програми со поголеми активности во оваа област. ОБСЕ очигледно е многу активен во оваа област и имаат изготвено документ кој се надеваме дека владата наскоро ќе го потпише. Овој документ претставува еден вид водич за тоа како да се решаваат проблемите со кои се соочуваат училиштата и етничките заедници.

Како што веќе напоменавте, имате многу инвестирано во опрема, во компјутер и така натаму. Сепак, дали нашите професори се подготвени да ги имплементираат овие нови технологии и да имплементираат нови методи во образованието?

Па сметам дека инвестициите во обрзовниот систем во Македонија страдале во изминативе дваесетина, дваесет и пет години. Ќе биде потребно време за наставните програми да се доближат кон оноа што е потребно во актуелната меѓународна среднина. Исто така и на наставниците ќе им биде потребно време да ги развијат вештините со кои ќе ги подготват своите ученици, да ги направат конкурентна работна сила. Има празнини, дефинитивно, кои треба да се пополнат. Има напори, како што знаете, да се обезбедат компјутери за повеќемината, ако не и за сите ученици во Македонија. Нашата програма е дизајнирана да ги обучува наставниците од основните училишта да ги користат компјутерите и софтверските апликации за кои помогнавме да се развијат. Од тука сметаме дека со текот на времето и при работата со наставниците и со поставувањето на училниците на начин на кој ќе се создаде соодветна средина за учење, можеме да успееме во обезбедување на подобра средина во која децата ќе учат и ќе успеваат, лично и професионално. Сепак, инвестициите во образованието се исплатат по многу години. Значи, оваа промена нема да резултира со значајни резултати на краток рок.

Агенцијата има инвестирано кон зголемувањето на довербата на македонските граѓани во институциите на системот. Како се напредува во остварувањето на оваа цел?

Сметам дека има еден проблем со кој се соочуваат повеќето институции во Македонија, без разлика за кое министерство станува збор, дали е тоа министерството за правда или било кое друго - од една страна во некои институции нема доволно кадри или тие кадри не се соодветно обучени и не знаат што треба да направат со цел да им обезбедат соодветни услуги на граѓаните. Тоа е огромен проблем во поглед на реформите на јавниот сектор. Ние ги немаме ресурсите да се справуваме со проблемот на тоа ниво. Ние работиме со одделни министерства и ги разгледуваме процесите и изнаоѓаме начини за подобрување на ефикасноста на процесите на начин на кој нема да се елиминира човековиот елемент, но ќе ги ограничи интервенциите кои го попречуваат непрекинатото одвивање на процесот. Еве на пример, како што претходно споменав, во судството поставивме систем за електронско менаџирање со предметите кој автоматски ги распределува предметите. Во минатото во некои судници кои ги имам посетено им требаа денови за да ги изготват извештаите. Сега тоа се прави за неколку минути. Исто помогнавме да се развијат процесите за електронска влада во изминативе три или четири години, процеси кои владата сега ги надградува и е подготвена самостојно да инвестира во нови. Исто така работевме на системот за јавни набавки. И покрај тоа што потребни се дополнителни подобрувања во системот за јавни набавки, сега се нуди форма на електронско спроведување на јавните набавки со што процедурата е потранспарентна од порано. На ваков начин се средуваат и лиценци за увоз и извоз, лиценци за транспорт, регистрации и слично. До сега сме создале многу апликации со кои се овозможилло побрзо функционирање на системите и без пречки. Има и други примери кои би можел да ги понудам...

Сметам дека е доволно. Сепак, од Европската унија забележуваат дека македонската јавна администрација треба да се намали, имено дека Македонија треба да создаде мала но ефикасна јавна администрација. Дали би се согласиле со ваквите констатации? Дали има напредок во создавањето на мала и ефикасна јавна администрација?

Мислам дека многумина сметаат дека македонската јавна администрација е натрупана, дека станува збор за најголемиот работодавач во Македонија. Но, од друга страна, други сметаат дека одредени делови на администрацијата немаат доволно вработени или немаат вработени со знаења за области кои се важни. Некои министерства треба да имаат капацитети за истражување и аналитика, но немаат ниту еден вработен во тие оддели. Платите во јавната администрација се ниски и понекогаш е тешко да се задржат вработени. Во минатото, додека имало смени на влади или смени на министри имало и големи кадровски смени во министерствата што ја пореметува способноста на министерството да си ја врши работата. Дефинитивно има области за кои постои загриженост и мислам дека точно е дека јавната администрација во Македонија може да се реформира и разционализира со цел да се обезбедат капацитети каде истите се потребни и да се намали натрупаноста во други области, но тоа е тешко и политичко осетливо прашање.

Малку за локалната самоуправа. Во изминатиов период има поплаки за политичи притисоци врз членови на локалната самоуправа и за недостаток на пари. Дали има дискусии за решавање на овие проблеми? Дали се предлагаат некакви решенија?

Секогаш има дискусии. ЗЕЛС и локалната самоуправа секоја година дискутираат со власта за трансфери и за формулирањето на пресметките за обезбедување на финансии за локалната самоуправа. Во одредено време формулите кои се користат ќе мора да се преправат на начин на кои ќе се овозможи обезбедување на повеќе ресурси за локалните самоуправи. Во рамките на своите правни мандати, локалните власти имаат обврски кон граѓаните за кои немаат доволно пари за тоа да го направат.