Кумановци позитивни за предлогот на владата за увоз на автомобили

Macedonia - Traffic in Kumanovo street, 06Jul2009

Жителите на Куманово сметаат дека предлогот на владата за увоз на половни возила е позитивен. Сепак, тие се жалат на немаштијата и сметаат дека давачките треба да бидат прилагодени на животниот стандард.
Кумановци кои немаат никакви услови да купат нови и добри, во смисла безбедни и економични патнички автомобили сметаат дека предлозите на Владата главно се позитивни. Но, сметаат дека акцизата и другите давачки треба да се намалат и да се прилагодат на животниот стандард на македонските граѓани. Оние за кои единствен начин да купат половен автомобил во странство и под поволни услови да го регистрираат тука, нетрпеливо ги очекуваат одлуките на надлежните. Меѓутоа, скептични се дека ќе можат да се возат во автомобил набавен за малку пари.

„Тоа е само еден од повеќето обиди на Владата за легализирање на бугарските возила во Република Македонија. Мислам дека е неуспешно, бидејќи многу се високи акцизите и давачките,“
„Мислам дека ова е позитивна одлука на Владата на РМ која им оди во прилог на сите граѓани на РМ. Сепак,треба да се испита какво влијание ќе имаат тие возила врз животната средина, имајќи ги предвид високите стандарди на ЕУ.“

За економскиот аспект кумановци велат:

„Од аспект на економијата добра е одлуката на Владата. Инаку, не може секој да подигне кредит, условите се такви,“
„Автомобилите сигурно се подобри од овие овдека. За 5 илјади евра може да се купи подобро авто од овдека. Но, о ваквите услови и акцизи, други давачки да го купам таму за две,до две ипол илјади евра, а овдека да платам повеќе давачки од што сум го купил! Тоа е сулудо! Ќе купам нов автомобил ако имам пари.“

А оние пак кои немаат намера да се возат во половни и стари автомобили велат дека:

„Можеби Владата има некои солуции за граѓаните!“

Сопственици на автомобили со бугарски регистерски ознаки сметаат дека нема поволности за регистрирање на возилата во државава. Во Куманово такви возила има многу, но нивната точна бројка на надлежните не им е позната.