Заштита на интернет содржините

Македонските медиуми покренаа акција за заштита на нивната содржина објавена на интерент, која нелегално се презема од други интернет сајтови, без притоа да се наведе изворот. Министерството за култура подготвува нов закон за заштита на авторските права.
Македонските комерцијални медиуми почнаа да ги прават првите чекори кон заштита на нивната содржина што е објавена на интернет.
Интернет-консултантот Дарко Булдиоски вели дека е очигледно дека се крадат содржини објавени на интернет, но оти нема прецизни податоци колку често се случува тоа. На крајот на минатата година, речиси преку ноќ, се појавија огромен број информативни интернет страници, вели Булдиоски.

,,И одеднаш се поставува прашањето: Кој ги полни тие сајтови? Од каде сега толку луѓе, редакции, пари, за да може да се одржат сите тие сајтови? Нормално одговорот на сите овие прашања е дека нема редакции, нема пари, нема одржливост, туку има само ентузијазам кој што преку ноќ денеска благодарение на технологијата евтина и достапна и лесна можат да направат сајт кој што изгледа многу подобро од било кој друг сајт кој што е во моментот за продуцирање на македонски вести. Но, тоа воопшто не е доволно затоа што тие го полнат со содржина што воопшто не е нивна."

Весници
Десет медиуми со иницијатива за заштита на содржината


На крајот на минатата година, десет македонски медиуми покренаа иницијатива за заштита на нивните интереси, во согласност со важечките закони и прописи. Во документот потпишан од десетте медиуми, кој беше објавен деновиве, тие ги повикаа порталите што преземаат вести од нив, од почетокот на месецов, преземените вести да ги објавуваат само со наслов(поднаслов), и директен линк(URL) до изворната вест, и тоа само оние вести и други информации кои соодветниот медиум би ги публикувал во наменски RSS (Really Simple Syndication) формат и во количина (наслов, датум, линк, фотографија итн.) која е публикувана со истиот RSS формат.
Истото се однесува и на радио станиците, кои без договор и неовластено во своите програми пренесуваат туѓи вести, информации и други содржини кои потпаѓаат под Законот за заштита на авторски права. Во интернет јавноста се создаде привид дека комерцијалните медиуми им објавуваат војна на агрегаторите на вести. На ваквата реакција на медиумите, веднаш реагираше најголемиот македонски агрегатор time.mk. Тие објавија соопштение во кое велат дека не се претставуваат како автор на насловите на вести кои се појавуваат на неговите страници, туку како алатка која групира поврзани вести. Тајм.мк, смета дека не ги прекршува авторските права на индексираните медиуми. Тие ги повикаа медиумите што не се согласуваат со нивниот начин на работа, да испратат барање да бидат исклучени од time.mk. Сопственикот на агрегаторот тајм Игор Трајковски вели дека од нив медиумите немаат штета туку корист, затоа што им носат посетители.

,,Тезата пак, на медиумите е дека тие губат посетеност бидејќи луѓето доаѓаат на агрегаторите читаат што се случува и не толку кликаат на линковите. Не може тоа да се измери експлицитно сега. Eден ден да ги исклучиме агрегаторите и да видиме колку посети ќе имаат тие и обратно."
Не може тоа да се измери експлицитно сега. Eден ден да ги исклучиме агрегаторите и да видиме колку посети ќе имаат тие и обратно.


Бројот на посетители на интернет страниците, значи исто што и тиражот за весниците или, пак, бројот на слушатели или гледачи за радијата и телевизиите. Медиумите што имаат поголема публика полесно доаѓаат до реклами од кои живеат. Проблемот со агрегаторите настана затоа што дел од медиумите сметаат оти отворањето на нивната интернет страница преку Тајм, не им се брои за посета. Трајковски го тврди токму спротивното.

,,Тоа да речеме е адреса на една мала страна која што е составена од две страни и јас таму на таа страна ги имам адресите, една од тие адреси е на оргиналните страни, а друга страна е страна на Тајм.мк што му овозможува на читателот да се ,,шифта" помеѓу повеќе медиуми. Но, тие не губат во никој случај ,,кликови" дури и добиваат посети."

Неможе да се заработува врз основа на туѓа работа


Исфрлањето на медиумите од најголемиот агрегатор, веројатно не би им одговарало ниту на медиумите, ниту на тајм, па затоа тие сега се обидуваат да се договорат за начинот на соработка.
Зоран Ричлиев е советник за нови медиуми во МПМ. Трите дневни весници на МПМ се потписници на иницијативата за заштита на интернет-медиумите. Тој вели дека постојат интернет-страници кои се обидуваат да заработуваат на туѓа работа.
Главен проблем се еден друг вид на пирати, тоа се ,,медиуми" кој што пред се подразбираат интернет сајт зад кој не постои ниту име ниту презиме, едноставно постои регистириран домејн кој што може да биде на некоја фирма и за трговија со греди.


,,Во оваа ситуација агрегаторите на вести, значи тие што ги собираат на едно место и ги даваат на читателите, не се главен проблем. Главен проблем се еден друг вид на пирати, тоа се ,,медиуми" кој што пред се подразбираат интернет сајт зад кој не постои ниту име ниту презиме, едноставно постои регистириран домејн кој што може да биде на некоја фирма и за трговија со греди и каде што содржината од другите медиуми е преземена, без притоа да се наведе од каде е преземена и без воопшто да се потпише таа содржина."

Ричлиев вели дека споделувањето на нивните содржини на некомерцијална основа не им претставува проблем. Проблемот настанува кога тие што ја споделуваат содржината од нивните медиуми сакаат да заработат преку тоа, вели Ричлиев.

,,Секој што не создава вредност, неможе да заработува врз основа на туѓа вредност. Содржината на професионалците е скапа, скапо е да се фотографира, скапо е да се снима, скапо е да се трча по извори, да се земаат изјави, сето тоа некој треба да го плати, а ако некој веќе платил, друг нема право едноставно да го редистрибуира."
Содржината на професионалците е скапа, скапо е да се фотографира, скапо е да се снима, скапо е да се трча по извори, да се земаат изјави, сето тоа некој треба да го плати.


Човек пред компјутер
Министерството за култура подготвува нов закон за заштита на авторските права. Се очекува, во него попрецизно да бидат регулирани и авторските права на содржините објавени на интернет.
Новинската агенција Макфакс е потписник на иницијативата за воведување ред. Управителот на Макфакс, Давор Пашоски вели дека ќе предложат можни решенија за преземање на содржините од интернет.

,,До крајов на неделава, односно во понеделник ќе имаме уште еден конечен документ кој што ќе биде усвоен од досегашните потписници и на оваа иницијатива се приклучија и некои други медиуми и со тој официјален документ ќе се обратиме до Министерството за култура, каде веќе се обративме и тие очекуваат ние да го дадеме нашиот конечен став."

Ричлиев од МПМ повеќе би сакал работите да се решават компромисно, а законот да се користи само во крајна нужда.

,,Интернетот е средина на слободно размислување. Значи, сите рестриктивни методи на користење на интернет произведуваат една контра реакција, значи секое ограничување предизвикува создавање на некоја против сила. Во тој случај значи некое зајакнување или организирање на пиратите и затоа целата таа работа мора внимателно да се води и пред се главниот збор е, соработка. Не постојат репресии, законот тоа не верувам дека ќе го реши, но барем ќе постои некоја правна рамка доколку се дојде до директен кофликт."

Со него се согласува и Виктор Арсовски од информатичкиот портал www.it.cоm.mk. Тој вели дека секоја информација треба да биде слободна. Со тоа го ставаме читателот во преден план, вели Арсовски.

,,Но, треба да се наведе извор. Мора да има извор, тоа се вика ,,линк економија". Значи ги користиш информациите, му даваш значење на медиумот од кој што е преземена информација бидејќи е валиден медиум кој што дава информации, му даваш вредност на читателот дека таа информација доаѓа од квалитетен сајт и со линк го носиш до таму, што значи генерираш посети, што е апсолутно фер."

Се ,,крадат" содржини и од блогерите

Тој вели дека воопшто не е проблем да искористи еден пасус или делови од текст, но дека не е коректно да се пренепишува цел текст.
Од друга страна, пак, комерцијалните медиуми не се само жртва, туку и учесници во крадењето. Во изминативе години, неколкумина блогери се жалеа дека весниците комплетно објавуваат нивна содржина без никаков надомест, па дури и без да го наведат авторот на текстовите или на фотографиите. За разлика од медиумите, кои се доволно моќни и богати да можат да си ја побараат правдата на суд, во Македонија немало случај блогер да тужи медиум поради кражба на содржина.
Интернет-консултантот Булдиоски посочува дека често се случува кога комерцијалните медиуми, буквално да препишуваат од блогови и од други интернет страници. Праксата покажува дека блогерите се помируваат со таквата судбина, вели Булдиоски.

,,Она што е важно да се напомене е дека блогерите не бараат пари туку бараат само признавање на авторството или признавање на нивното дело, едноставно ставање на линк или наведување на извор, нешто што во новинарството е еден од основните принципи на функционирање."
Блогерите не бараат пари туку бараат само признавање на авторството или признавање на нивното дело, едноставно ставање на линк или наведување на извор.


Блоговите најчесто се под Криејтив комонс лиценца за заштита на авторските права. Ваквата лиценца дозволува нивната содржина слободно да се користи, но во некомерцијални цели и со задолжително наведување на изворот. Филип Стојановски е програмски координатор на фондацијата за одржливи информатички решенија Метаморфозис. Тој посочува дека и во Македонија, блогерите што сметаат дека се оштетени, имаат право да си ја побараат правдата на суд, но нема информации дека некој се одлучил на таков чекор.

,,На ниво на ЕУ веќе има преседени, да речеме во Холандија и Шпанија, блогер да има објавено фотографии, а некој весник ги има преземено без дозвола и со кршење на лиценцата. Значи, блогерот ги објавил некомерцијално, а весникот ги објавил како комерцијален медиум. Потоа таквите медиуми биле тужени од страна на самиот автор за прекршување на условите на лиценцата и судот пресудил во корист на оргиналниот автор."

Дел од најголемите светски медиуми се во фаза на воведување плаќање на интернет содржините. Луѓето од онлајн-медиумите во земјава велат дека Македонија се уште е далеку од такво нешто.