Неделен печат – „Ал Каеда во Македонија“

„Сега“ објавува анализа за заканите од тероризам на Балканот. „Фокус“ пишува дека се донесени промени во урбанистичкиот план за изградба на нови споменици во Скопје. „Форум“ се занимава со свинскиот грип и тврдењата дека паниката била лажирана. „Глобус“ пак ги анализира отоманските корени на Македонците
Носечкиот текст на неделникот ,,Сега,, е најавен и на насловната страница: ,,Ал Каеда во Македонија“. Инспирација за опширната анализа е предупредувањето што на премиерот Груевски, за време на посетата на Израел, му го упатил вицепремиерот, Авигдор Либерман, дека на Балканот му се заканува тероризам и дека на овој простор Ал Каеда инсталирала свои ќелии. Како потврда, се пренесуваат наводите на Институтот Стратфор и на ЦИА дека екстремните муслимански организации од арапските земји, од Иран и од Саудиска Арабија, но и од регионот на Босна и Санџак, уште во 1992-та имаат инсталирано свои експозитури и на македонска територија. Од друга страна, неделникот ги пренесува тврдењата на исламски активисти во земјава кои сметаат дека ваквите обиди нема да најдат погодна почва на Балканот, особено не кај Албанците во Македонија и пошироко, поради фактот што тие и муслиманите од Балканот се стриктно евроатлантски ориентирани и се гледаат себеси како дел од западната култура и дека Израел кој е под постојан притисок од исламскиот фундаментализам е склон да шири паника. ,,

Фокус: „Среде Скопје триумфална капија по угледот на Третиот Рајх

Фокус,, уште на насловната со големи букви најавува дека, цитирам, ,,Среде Скопје ќе никне триумфална капија по угледот на Третиот Рајх,, информација којашто неделникот ја дознава од свои неименувани извори. ,,Фокус“ додава дека на локацијата на Жена парк во Скопје, спроти Собранието на РМ, со веќе направените промени во Деталниот урбанистички план, се планирало да се градат триумфална капија, споменик на незнајниот јунак, обелиск со божицата на Победата, Нике, како и да се постави вечен оган. Ова ќе чинело многу, претпоставува неделникот и во ироничен тон додава дека би било добро да се изгради и ѕид на плачот или македонски Хајд парк, каде што напатениот Македонец ќе може да си ги исплаче или да си ги искаже маките.

Форум: „Медицински скандал на векот“

,,Медицински скандал на векот,, гласи насловната на ,,Форум“ за, потоа, во текстот да тврди дека паниката околу свинскиот грип била лажирана, потпирајќи се на тврдењата на Волфганг Водарг, иницијаторот на истрагата од Комисијата за здравство на Советот на Европа. Тој покрена истрага, пишува ,,Форум“ во која прво ќе испитува дали постои документација за интензивни финансиски врски меѓу академските стручњаци на Светската здравствена организација со фармацевтските гиганти ,,Глаксо Смит Клајн“ ,,Роше“ и ,,Новартис“ кои енормно многу профитираа од лековите и од вакцините против новиот грип.

Глобус: „Отоманските корени на Македонците“

,,Глобус“ објавува широка статија-анализа за ,,Отоманските корени на Македонците,, најавена и на насловната страница, во која се користат тезите на авторката Марија Тодорова дека балканските историографии го искривуваат сопственото отомански минато и наследство стекнато по 500 години на тој период. Оттаму, една од основните тези на ,,Глобус“ е дека она што се денес народите и нациите не било одредено од крвта и од гените туку од културното наследство и од социјализацијата, кои не се ексклузивни само за Македонија, за да ја искаже чудната, нова теза дека отоманскиот период е последниот слој на историјата до каде може да се бараат корените на македонската нација, затоа што одговорот на прашањето ,кои сме, не лежи само во историските списи или во археолошките наоди, завршува ,,Глобус“.