Хаити: хаос и разочараност

Разочараноста расте на Хаити поради доцнењето на дистрибуцијата на итната помош по катастрофалниот земјотрес. Хуманитарните организации оценуваат дека последиците би можеле да бидат уште потрагични доколку набргу не почне координирана спасувачка акција на меѓународната заедница.
Агенцијата Ројтерс цитира еден очевидец кој наведува дека преживеаните, во знак на протест, на улиците на Порт о Пренс поставувале блокади од тела на загинатите. Се додава дека и самите спасувачки екипи се соочуваат со проблеми да стигнат до Хаити, бидејќи аеродрмот бил разурнат, без контролна кула, а недостига и гориво за полетување на авионите. Главното пристаниште исто така било оштетено со што се отежнува и испораката на помошта од море.

Меѓународниот Црвен крст проценува дека околу 50 илјади луѓе загинале во катастрофалниот земјотрес што ја погоди земјата во вторникот. Во Вашингтон, претседателот Барак Обама изјави дека претстои еден од најголемите напори за помош во поновата историја.

,,На луѓето на Хаити јасно и со убедување им порачуваме дека нема да бидат препуштени сами на себе. Нема да бидете заборавени. Америка е со вас. Светот е со вас.,,

Изјави Барак Обама, прецизирајќи дека помошта почнува со 100 милиони долари и со испраќање 3 ипол илјади војници и 2 илјади и 200 маринци. Тие би требало да се обидат да ја стабилизираат ситуацијата, особено во Порт о Пренс, каде што според некои информации, владеел хаос, се слушале истрели и се ограбувале куќите.
На луѓето на Хаити јасно и со убедување им порачуваме дека нема да бидат препуштени сами на себе. Нема да бидете заборавени. Америка е со вас. Светот е со вас...


Обама и францускиот претседател Саркози синоќа разговарале за состојбата во Хаити и се согласите дека е потребна меѓународна координација за помош на земјата. Портпаролот на американскиот Стејт департмент Пи Џи Кроули изјави дека екипи од многу држави веќе пристигнале на Хаити и ја започнале дистрибуцијата на помошта, како и операциите за спасување.

,,Очигледно, овој список и натаму ќе се зголемува, но нашата проценка е дека најмалку 30 земји имаат испратено помош која веќе стигнала на Хаити или е на пат до таа земја. Значи не станува збор само за американска, туку пред се за меѓународна заложба.,,

Изјави Кроули. Едмонд Муле, поранешен шеф на мировните мисии на Обединетите нации во Хаити, се очекува да пристигне во таа островска земја за да ги координира овие активности.

Според проценките на Црвениот крст, на околу третина од населението, или на три милиони луѓе им е потребна помош. Претседателот на Хаити Рене Превал соопшти дека околу 7 илјади загинати биле погребани во масовни гробници. Во меѓувреме, преживеаните на Хаити и натаму се во очекување на ветениот глобален одговор на трагедијата.

И натаму илјадници хаиќани ги минуваат ноќите на отворено, а, според нивните наводи, се уште под урнатините имало преживеани кои самите не можат ги извлечат. Хуманитарците кои стигнаа на Хаити состојбата ја опишуваат како вистински ноќен кошмар.

,,Во земјотрес со ваков интензитет, уништувањето на домовите, инфраструктурата и живеалиштата е огромно. Затоа најважни се заслоништа, храна и чиста вода за да се спречи ширењето на заразни болести.,,

Вели Ноа Готшалк од хуманитарната организација Оксфам, додавајќи дека акцијата мора итно да се започне со цел да се спаси животот на Хаити.