Дневен печат - Година на преживување

Со ваков наслов весникот ,,Нова Македонија" донесува анализа посветена на сиромаштијата, во која стои дека дури 28,7 отсто од македонските граѓани живеат во сиромаштија. ,,Дневник" пак пренесува тврдења на министерот за финансии Зоран Ставревски дека Владата планира дополнителни мерки за ублажување на послеците од економската криза.
Во штурата понуда свежи информации во пишаните медиуми поради празниците, покрај оние дека новогодишната ноќ била прославена весело на плоштадите низ Македонија, внимание привлекува веста која во понеделникот ја објавија и некои телевизии, а ,,Дневник,, во вторникот, дека пензионерите своите пензии ќе ги добијат дури в петок, по Божик. Весникот пренесува реакции на револтирани пензионери кои се жалат дека очекувале пари и за Нова Година, но дека сега без пари ќе ги поминат и едни од најголемите христијански празници, Бадник и Божик, како и изјавата на претседателот на Сојузот на пензионерите дека надлежните не ја почитуваат изјавата што ја дадоа јавно дека пензиите ќе ги исплатуваат до 5-ти во месецот. Дали поради реакциите во јавноста и во медиумите, МИА во меѓувреме пренесе дека Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија ги извести пензионерите дека сепак од 5-ти почнува исплатата на декемвриските пензии. Сите медиуми пренесуваат дека новиот уште поригорозен закон против пушењето ги ,,проветрил сите кафулиња,, како што забележува ,,Време,, и дека високите казни ги исплашиле пушачите, а дека во кафеаните видно опаднал прометот во првите денови во новава година, како што забележува ,,Утрински,,. ,,Нова Македонија,, во текстот со наслов ,,Година на преживување,, пишува дека дури 28,7 отсто е процентот на сиромашни граѓани во нашава земја и дека е тешко да се поверува дека овој тренд во оваа година ќе се промени поради тоа што платите ќе останат замрзнати, а ќе изостанат нови инвестиции и нови вработувања. ,,Дневник,, пак, ги пренесува тврдењата на вицепремиерот и министер за финансии Ставревски дека во почетокот на оваа година е можно Владата да донесе дополнителни мерки за ублажување на последиците на кризата врз стопанството, иако не наведува какви мерки се тоа, и дека трендовите од последните лански месеци покажувале постепено закрепнување на стопанството во земјава. Исто така ,,Дневник,, го пренесува кварталниот извештај за мониторингот на процесот на јавни набавки направен од Центарот за граѓански комуникации во кој се оценува дека се случуваат сомнителни поништувања на постапките за јавни набавки од страна на Владата што создава сомнеж кј деловната заедница дека честопати тендерите се поништуваат заради неостварување на некоја испланирана калкулација. Повеќето медиуми ја пренесоа информацијата од Тетово дека во саботата точно напладне Дедо Мраз им делел на тетовци тегли со чист воздух. Симболично тоа беше јавен револт за деветмесечната агонија на најголемата дива депонија во Македонија која се наоѓа кај железничката станица во Тетово, што го ораганизира Здружението на свесни и совесни граѓани на овој град, кое подолго време организира разни видови протести со цел да се омасови реакцијата на граѓаните на Тетово поради труењето на воздухот од чадот и испарувањата од дивата депонија, проблем кој поради политички игри и пресметки не може да се реши веќе неколку години.