Македонија: Настани 2009

Настаните кои најмногу го привлекуваа вниманието на јавноста и на медиумите во Македонија во изминатата година се тема и на нашата денешна ретроспектива на се она што се случуваше во 2009-та. Како и во секоја година кога кај нас има избори, тие и овојпат беа главно случување на годината, но според одекот и последиците, воопшто не заостануваа уште неколку настани и процеси- на пример спорот со Грција, евроатланските аспирации, неколкуте оставки во владата, објавувањето на енциклопедијата, па се до свинскиот грип.

Претседателски и локални избори

Почнуваме со претседателските и локалните избори, кои беа одржани во март и во април. Од седумтемина кандидати за шеф на државата во првиот круг, во вториот се пласираа професорите на Правниот факултет Ѓорге Иванов, предложен од владејачката коалиција и Љубомир Фрчкоски од Социјалдемократскиот сојуз. Со речиси двојно повеќе гласови, нов претседател на Македонија, четврти по ред, стана Иванов.

Предизборни билборди
,,Ова е порака за сето она што ни се случува во наредниот период, мора да го искористиме за навистина да овозможиме Македонија да стане европска земја, членка на НАТО, меѓутоа и земја на среќни луѓе.“

Неговиот противкандидат го призна поразот и порача:

,,Ја користам приликата да му ја честитам победата на владиниот кандидат Ѓорѓе Иванов и господ нека и е напомош на Македонија.“

На гласањето за локалните власти, во најмногу општини победија кандидатите на ВМРО ДПМНЕ. По подолго време, и неколку изборни циклуси во кои се броеја инциденти, оштетени партиски штабови, повредени, а во екстремни случаи и загинати, на овие претседателски и локални избори беше релативно мирно:

,,Изборниот ден беше мирен, забележан е напредок во спроведувањето на гласањето и во пресметувањето на гласовите. Беше почитувана слободата на изразување и собирање. Кандидатите главно користеа умерен јазик што соодветствуваше на мирниот изборен процес.“

изјави по вториот круг Питер Ајкер, шеф на ОБСЕ/ОДИХР мисијата за набљудување на изборите. Заплашувањата и притисоците се регистрирани како нешто што ја засенува генерално добрата оценка на мисијата, забележани се и одредени тензии во трката за градоначалници, семејно гласање. Исто така, беше нагласено дека слабиот одзив може да претставува опасност во иднина да не се исполни цензусот од 40 насто и да доведе до неуспешни избори, особено во комбинација со проблемите со избирачкиот список.

Дека односите со соседите ќе му задаваат најмногу главоболки на новиот претседател, беше потврдено уште на чинот на неговата инаугурација. Имено, неприсуството на косовскиот претседател Фатмир Сејдиу на свеченоста беше повод за многу реакции од партиите на Албанците, а ДПА го бојкотираше настанот. Речиси иста беше ситуацијата и две недели подоцна, кога Сејдиу го откажа доаѓањето во земјава, поради недоразбирања околу карактерот на неговата посета. Македонско- косовските односи и во наредните неколку месеци беа во стилот „топло- студено“, се до средината на октомври, кога беа воспоставени дипломатски односи и ратификувана спогодба за демаркација на меѓусебната граница, на што, пак, реагираше опозицијата:

,,Она што за нас е спорно е начинот на кој што македонската Влада тоа го направи. Имено по својата суштина, потпишаната Спогодба, не е Спогодба за техничко одбележување на границата, туку Спогодба за размена не територии и менување на претходно постоечката, утврдена и одбележана граница. Тоа е огромна разлика.“

Изјави лидерот на Социјалдемократскиот сојуз Бранко Црвенковски.

Спорот со Грција ја одбележа 2009

А спорот со Грција, проблемот што ја одбележа 2009-та, и е на добар пат да биде главна тема и во 2010-та, постојано лебдеше и беше поврзувано со речиси сите прашања од македонската надворешна, па и внатрешна политика. И прошталната посета на првиот човек на НАТО Јаап де Хоп Схефер, во почетокот на мај, мина под знакот на ова прашање:

Две средби за два месеци на македонскиот и грчкиот премиер, спорот ,за сега, останува
,,Јас сум еден од оние што сака да го види ова прашање, што побрзо. Евроатлантските интеграции се единствениот рецепт за овој регион, за долгорочна стабилност и безбедност. Ние ќе продолжиме со нашата соработка и ќе продолжиме да даваме помош.“

Изјави тогаш Схефер. Извесна доза на оптимизам дека спорот може да биде решен донесе посетата на медијаторот Метју Нимиц на Скопје и Атина во јули, кога тој изјави дека имал продуктивни разговори.

,,Зборуваме пред се за името на државата. Јас не сум чул ниту еден владин претставник од Грција, да го негира постоењето на посебен народ и посебен јазик. Мислам дека луѓето треба да бидат спокојни во врска со тоа дека се работи само за името, а не за идентитетот.“

Сепак, како одминуваше годината, оптимизмот полека исчезнуваше, а македонските претставници постојано тврдеа дека Грција излегла со максималистички барања и оти не се преговара само за името, туку и за идентитетот, јазикот. Посредникот имаше уште неколку средби со претставници на двете земји, но освен неговите протоколарни изјави дека преговарачкиот процес продолжува, не се случи ништо конкретно. Потоа следуваа вонредните парламентарни избори во Грција, што дополнително го забави процесот, а во октомври и ноември се случија две средби меѓу премиерите Никола Груевски и Јоргос Папандреу. Долгоочекуваниот директен контакт, за кој се претпоставуваше дека доаѓа по силниот притисок од Меѓународната заедница, не донесе напредок:

,,Грчката страна останува на позициите кои што ги презентираше нивниот преговарач во Њујорк, како поврзано со името, така поврзано и со идентитетот и во тој поглед неможам да кажам дека имаме некаков прогрес.“

Изјави по средбата во грчкиот дел на Преспа премиерот Никола Груевски.

Нерешениот спор со Грција беше и една од причините за недобивање датум за почеток на преговори со Европската Унија на состанокот на министерскиот Совет на 7 и 8 декември во Брисел. Тогаш беше речено дека за ова прашање ќе биде разговарано и за време на шпанското претседателство во Унијата.

,,Грција очигледно бара работи кои што никој од никого во светот не ги бара. Слушам сега во земјата има коментари дека сме пропуштиле историска шанса. Знаете што, сме пропуштиле историска шанса да се обезличиме како нација, како народ, да се избришеме од мапата на народи.“

,,Три-четири средби со Нимиц за 20-тина месеци и две и пол часовни средби со Папандреу во последните 20-тина дена, со таков пристап и со такво темпо залудни ќе бидат и овие дополнителни шест месеци.“

Беа реакциите на премиерот Груевски и на лидерот на СДСМ Црвенковски. А само два месеца претходно, на улиците во Скопје беше прославуван извештајот на Европската Комисија и препораката до Советот на министрите да одреди датум за Македонија, но со забелешка дека во меѓувреме спорот со Атина треба да се реши.

,,Традиција е Советот, во однос на проширувањето да ги носи одлуките со консензус. Од друга страна решението на прашањето за името, останува суштинско. Наместо да шпекулирме што ќе се случи во декември, мислам, а тоа е и пораката на Еврокомесарот, дека целата енергија треба да се насочи кон решавањето на овој проблем.“

Изјави евроамбасадорот Ерван Фуере. А премиерот Груевски тогаш рече дека извештајот за нас ќе биде патоказ за идните чекори и реформи:

,,Во контекст на спорот за името со Грција, Македонија активно и конструктивно ќе ги продолжи разговорите под покровителство на ОН со цел да се најде заеднички прифатливо решение.“

Визна либерализација

Се славеше и на 30 ноември, кога беше донесена одлуката за визна либерализација за граѓаните од Македонија:

,,Да дојдеме до момент Европската Унија да каже дека Република Македонија без никакви забелешки, без дополнителни проекти што мора да ги направиме, заслужи целосно укинување на визите.“

Пратеничката од СДСМ Цветанка Иванова тогаш му порача на премиерот

,,Визната либерализација не треба да биде замена за добивање датум за преговори со ЕУ.“

„Проветрување“ во Владата

Кон крајот на јуни оставка поднесе вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Ивица Боцевски, што беше проследено со изненаденост кај претставниците на Европската Унија и предупредување дека земјата нема време за губење. Реагираше и Перо Димшовски, човекот што привремено го заменуваше Боцевски. Во изјава за Радио Слободна Европа, која тогаш силно одекна во јавноста, тој порача:

Потпретседателот на владата Ивица Боцевски повеќе не е дел од тимот на Груевски
,,Треба да видиме еднаш, дали приоритет ние членство во ЕУ или не ние. Сега не само што ни треба вицепремиер за евроинтеграции, сега ни треба и премиер за евроинтеграции.“

Овие случувања беа вовед во турбулентниот период за владата, кога оставки поднесоа и министрите за образование и за земјоделие Перо Стојановски и Ацо Спасеновски, а беше сменет и министерот за финансии Трајко Славески, кој одби да си поднесе оставка:

,,Не сакав да си поднесам оставка во овој момент затоа што не гледам за тоа некоја посебна причина или потреба, а покрај другото требаше да се мачам со состанување на некое смешно, кратко или подолго неуверливо образложение за мојата оставка. Јас неможам тоа да го направам.“

Енциклопедијата на МАНУ тест за стабилноста на владата

Стабилноста на владата беше ставена на сериозен тест и во неколку случаи кога растеа меѓуетничките тензии. Најнапнато беше по промоцијата на Македонската национална енциклопедија од страна на МАНУ во средината на септември. Само ден- два потоа жестоко реагираа албанските партии и интелектуалци, со забелешка дека во ова дело има многу неточности и навредливи содржини во врска со Албанците во Македонија. Реагираа и амбасадите на САД и Велика Британија, кои бараа промена на делот каде што се спомнува дека британски и американски специјалци во 2001-та година учествувале во обука на војниците на ОНА. Кон крајот на септември, МАНУ донесе одлука за запирање на дистрибуцијата на енциклопедијата:

,,Ќе бидат отстранети некои несмасни изрази, некои непрецизности, а и ќе се отстрани несреќното наведување дека некои албанците ги викаат арнаути и шиптари.“

Беше изјавата на редакторот на делото академик Блаже Ристовски. Не помалку тензично беше и во втората половина на август, по тепачката меѓу членови на навивачката група „Комити“ и жители на скопската населба Нерези.

,,Внуците мои се во кола, се плашат да седат тука и морам да ги однесам вечерва.“

,,Овдека има тројца-четворица луѓе однесени во болница.“

,,Дома влегуваа, со огромни камења, со стапови. Еве децата се истрауматизирани, ова не се случило ниту во 2001 година.“

Се жалеа мештаните. Епилогот беше кривични пријави за осум навивачи, неколку повредени лица и оштетени возила, како и сериозно нарушени меѓуетнички односи и криза во владејачката коалиција.

Свински грип во Македонија

Свински грип. Тоа беше една од најспомнуваните теми во изминатата година во целиот свет. Кај нас се почна во април, кога беше забранет увоз на свинско месо, првиот случај на заболен е регистриран во јули, а на 18 ноември и првиот смртен случај во земјава. Само за дваесетина дена 14 луѓе починаа како последица од „новиот“ грип, што не беше и конечен биланс. Во меѓувреме, траеја
Свинскиот грип продолжува да се шири
убедувањата на медицинските експерти дали треба или не да се прими вакцина против грипот, што само внесе дополнителна паника и недоумица кај граѓаните:

,,Некои викаат корисни се, некои викаат дека не се. Јас се плашам.“

,,Опасно е и да не се прима.“

,,Мислам дека е корисно.“

Марија Кишман од светската здравствена организација, пак, тврдеше дека сепак е подобро да се прими вакцината:

,,Несаканите дејства се многу помали во однос на бенефитот.“

И додека тутунот и натаму останува една од стратегиските култури во Македонија, која се декларира како земјоделска држава, од вчера во сила стапи законот кој строго забранува пушење во сите јавни објекти. Со ова потсетување, го завршуваме прегледот на најзначајните настани во 2009-та. Радио Слободна Европа ви пожелува среќна и бериќетна 2010 година.