Сиромаштијата се зголемува

Со запрежни коли во втората декада на 21 век

Годинава што изминува ОН ја прогласи за година на борба против сиромаштијата. Според официјалните податоци, индексот на сиромаштија во Македонија се зголемува и секој трет Македонец е сиромашен. Најавените странски инвестиции и нови работни места ги нема, а граѓаните се снаоѓаат како знаат и умеат за да „врзат крај со крај“.
Одминува 2009-та , година која ОН ја прогласија за година посветена на борба против сиромаштијата. Според податоците на Организацијата , во светот повеќе од 2 милијарди луѓе живеат во сиромаштија. Половина милијарда од жителите на планетава се хронично гладни, исто толку и неписмени. Бројката дополнително се зголеми со светската економска криза. Според најновиот извештај на Светска Банка, поради глобалната финансиска криза, во Источна Европа и во Централна Азија, околу 11 милиони луѓе ќе станат сиромашни, а уште 23 милиони ќе дојдат на работ на сиромаштијата. Според анализата, семејствата во тие региони се погодени од порастот на цените, и на невработеноста, како и од тешкотиите за земање кредити. Официјалните податоци покажуваат дека индексот на сиромаштија во Македонија изнесува нешто помалку од 30 проценти, што значи дека секој трети Македонец е сиромашен. Повеќе од 53 илјади семејства земаат социјална помош, а на работ на сиромаштија живеат и околу 23 илјади луѓе кои поради кризата останаа без работа. Податоците за сиромаштијата и за невработеноста се поразителни. Македонија е длабоко пропадната во сопствената социјална бездна. Невработеноста се доближува бројка од 342 илјади нерегистрирани невработени , странските инвестиции се премали за да апсорбираат дел од слободната работна сила на пазарот, индустриското производство стагнира. Ова се поразителни податоци за економската состојба во која се наоѓа земјата. Дел од граѓаните коментираат дека е допрено дното, некои од нив велат дека ќе биде и полошо, трети пак само ги креваат рамениците.

„Па, тешко е.“
„Вие гледате како е се поскапо и поскапо.“
„Немаштија, продавам стари работи и тоа, од тоа живеам.“
„Да се вработат луѓето нема да има сиромаштија, а ова...“

14 илјади денари за храна за четири члено семејство

Сиромаштијата е состојба во која основните човекови потреби се поголеми од можноста за нивно задоволување. Според податоците на државната статистика најпогодени се семејствата на невработените или отпуштените работници, семејствата што ги издржува
Сиромаштија во центарот на Скопје
пензионер со ниски примања и семејствата кои живеат од социјална помош. Кога едно четиричлено семејство од просечна плата, која статистички изнесува помалку од 20 илјади денари, ќе ги исплати месечните потреби за храна, кои заводот за статистика пресметал дека изнесуваат 14 илјади денари, и кога на тоа ќе се додадат сметките за струја, вода и евентуално телефон, пари за превоз, тогаш на семејството им останува многу малку или воопшто не им останува за други трошоци. Не им остануваат пари со кои треба да се школуваат децата, да се купат чевли и, евентуално, бензин. Луѓето велат дека некако преживуваат:

„Некоја социјална помош земам по 2,600 мислам, од месец на месец, тоа е тоа.“
„Најниска просечна плата треба да биде 500 евра.“
„Што ќе стаса? Осум илјади? Имам само режиски трошоци осум илјади.“
„По контејнери одиме, леб собираме, сиромаштија, тоа што ќе најдеме“

Што се крие всушност зад статистичката бројка од илјадници невработени. Несреќата на родителот кој нема пари да му купи чевли на своето дете, пониженоста на главата на семејството кој бара пари на заем за да го истурка месецот, разочараниот дедо кој нема ни 10 денари да му купи смоки на своето внуче.

„Струја плаќаме, дрва немаме, зима, ама што да правиме кога е сиромаштија.“
„Секој сака да ги израдува своите деца, ама кога нема, џабе е.“

Многу луѓе веќе одамна ги исклучија своите домашни телефони, штедат на вода и струја , а неретко и на храна. Има и такви кои со години не ги плаќаат сметките и со тоа полека се претвараат во криминалци и кршачи на законот и тоа не по своја волја, едноставно немаат пари.
„Што да јадам? Телефонот ми го исклучија, телевизија не сум платила.“
„Да одиме да крадеме срамота е, да одиме да просиме срамота е, земам социјална помош, ама не стигнува“

Одењето на одмор, излегувањето на вечери во ресторан , кино и театар се мислена именка за многу од граѓаните. Веќе неколку години наназад полека изумира средната класа па сега има изразен јаз меѓу слојот на богатите и сиромашните.

Снајди се, па живеј

Освен во Руанда, во Судан и во Сомалија, од глад и немаштија се умира и во Македонија. Стечајци, технолошки вишок, луѓе кој никогаш не работеле, пензионери, сите ставени во ист кош, велат тешко се живее, се обраќаат до институциите за помош или пак кој како знае и умее се снаоѓаат. Пред Македонската опера и балет и зими и лете на трошни тезгиња неколку луѓе продаваат стари предмети. И на скопскиот јужен булевар секое утро, група мажи чекаат да помине некој и да заврашат некоај амалска работа за нив. На плоштадот пред нова година луѓе продаваат балони, честитки. Тие велат дека парите што ќе ги заработат тука им се единствениот месечен приход.

„Жената не работи, јас не работам, синот не работи, ќерката не работи, оди на факултет требаат пари, затоа сум дојден тука, ако фатам нешто добро.“
„Било што би работел.“
„Немам никакво примање, ако извадам тука стотка, добро, ако не – нема“

Потребни социјални мерки за ублажуање на состојбите

Експертите велат, со водење на добра социјалан политика треба да им се помогне на луѓето барем да им се ублажи состојбата во која се наоѓаат.
Живот во картон

„И прашањето на социјалните станови и прашањето на пакетите и прашањето на народните кујни и прашањето на помошта на другите верски заедници сепак останува отворено, односно дали општеството прави доволно на планот на остварување на пофлексибилна и постабилна позиција за решавање на овој проблем, за да се стигне до она што би значело еден помал социјален проблем,“

вели социологот Ѓорги Тоновски.

Алармира податокот дека расте бројката на оние што живеат во сиромаштија. Во 2000-та, тој показател изнесувал 22,3%. Девет години подоцна подоцна, тој процент изнесува 30 насто.

Се продлабочува јазот меѓу богатите и сиромашните

Големите контрасти на живеачката, ги создадоа 10% граѓани што можат да си дозволата се што сакаат, за да го живеат животот. Професорката Марија Зарезанкова Потевска вели дека се повеќе се зголемува јазот меѓу богатите и сиромашните.

„Степенот на сиромаштија до пред некое време беше 25 насто, сега е над 30 насто. Се продлабочува јазот меѓу високо платените работни места и луѓето кои не земаат плата или земаат ниски плати и примања, социјалните случаи и ми се чини дека на тој план нешто мора да се направи. Евентуално некое зголемување на даноци на луксуз итн, се во интерес на една поправилна распределба.“



Што прават надлежните?


Досега сите влади ја поставија истата дијагноза, сиромаштија е, ама ниту една не направи посериозен потег да ја амортизира или намали. Во извештајот на светската банка за Македонија пишува дека и во 21 век, во земјата која е кандидат за влез во Европската Унија дури 11% од домовите на граѓани немаат пристап до вода, 36% се без канализација, а 15% немаат бања. Од министерството за труд и социјална политика велат дека превземааат мерки за да се решат социјалните проблеми кои дополнително се влошени со економската криза.

„Ситуацијата е исклучително комплицирана со севкупните состојби, економската состојба во моментот итн. Голем дел од популацијата е на работ на својата егзистенција. Токму во тој контекст, значи повторно и годинава се донесе оперативниот план на агенцијата за вработување, за вработување на невработените и истиот ги опфаќа најзагрозените категории, но во исто време се донесе и одлука за вработување пет илјади лица за јавни работи на ниво на локални самоуправи, се донесе и закон за социјална заштита кој предвидува доста реформи и промени. Во тој дел би го напоменал и најважното, дека има можност со програма на заштита на најчувстителните катеогории,“

објаснува државниот секретар на министерството Душко Миновски.

Искоренувањето на сиромаштијата е една од главните милениумски цели, која треба да заврши до 2015 година. Токму затоа 2009 беше прогласена за година за борба против сиромаштијата.