Тежок пат за трета опција во Македонија

Од завчерашната средба на Демос

Тешко е да има „Трет Пат“ во црно белата политичка поделба во РМ, затоа што нема нови идеи и личности, сметаат некои политиколози. Третите опции, барем, досега, беа инструмент во рацете на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ
Тешко дека евентуалната појава на нов политички субјект во Македонија ќе може да им се спротивстави на двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, велат експертите со кои разговаравме.
Професор Ѓорѓи Тоновски се сомнева дека се можни радикални промени на политичката сцена.
Порадикално внесување на нов политички субјект во Македонија тешко може да се случи


„Искуството во светот покажува, тоа веројатно ќе го потврди и нашето искуство, дека некакво изместување на политичката сцена во смисла на порадикално внесување на нови политички субјекти, тешко дека може да се случи во Република Македонија“

Професор Звонимир Јанкуловски посочува дека критериумот за успех на евентуалната трета опција се токму луѓето.

„Очигледно дека некои луѓе кои ги поминаа и едната и другата политичка опција сега се обидуваат да се наметнат како трета политичка опција, што е многу интересно и како феномен и како политички куриозитет во Република Македонија“

Јанкуловски вели дека на политичката сцена во Македонија нема борба на идеи. Тој оценува дека македонските партии не нудат идеологија, туку борба за вработување на подржувачите. Токму поради тоа, тој е скептичен во успехот на евентуална трета опција.

„Очигледно, борбата не е со идеи туку со она што повеќе можете да понудите на економскиот пазар - не во смисла на инвестиции, туку во смисла на вработувања и решавање на егзистенцијални прашања“

Јанкуловски посочува дека досегашното искуство покажува дека појавата на третите политички опции всушност беа инструмент во рацете на двете големи партии и служеа за нивна меѓусебна партиска пресметка.
Секогаш која се појавувале биле средство за приклучување кон едната или другата опција, или за намалување моќта на некоја од нив


„Секогаш кога се појавувале биле средство за приклучување кон едната или кон другата опција, или средство за смалување на моќта на другата опција“

Професор Тоновски, освежувањето на политичката сцена, не го гледа во појавата на трета опција, туку во реформирање на големите политички партии.

„Да успеваат постојано да се прилагодуваат кон практиката, односно да успеваат да се реформираат“

По појавата на невладиниот институт Демос и шпекулациите дека тој може да прерасне во политички субјект, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ меѓусебно се обвинуваат дека стојат зад создавањето на институтот.