Кога е Божиќ?

Во светот постојано има расправа за тоа кој е вистинскиот календар, кога треба да се прославува Божиќ, но во Молдавија тоа секоја година доведува до политички контроверзи. Годинава дојде и до поголем спор меѓу Владата и Православната Црква.
Во Молдавија има три вида на прославувачи на Божиќ. Следбениците на Православната Црква, кои го прославуваат на 7-ми јануари, про-западните, за кои според Католичката Црква, Божиќ е на 25-ти декември, и третите кои, компромисно го слават Божиќ и на двата датума. Но, постојат и комунистите, за кои Божиќ како и да не постои. Одлуката на новата молдавска влада, 25-ти декември да биде државен празник, како и 7-ми јануари, ја налути Православната Црква во Молдавија, а ја отвори и дебатата за врските со Русија и со Романија.

Според нашата народна христијанска традиција, исусовото раѓање треба да се прославува на 7-ми јануари.

Треба да славиме на 25-ти, како и сите други европски земји, но и 7-ми јануари треба да биде празник, за никој да не биде дискриминиран.

Дилемите околу Божиќ се претворија во политичка битка кога лани комунистичкиот претседател Владимир Вороњин нареди, на главниот плоштад во Кишињев, празничната елка да не се поставува пред 30-ти декември. Градоначалникот на Кишињев, инаку про-западно орјентиран, не ја послуша наредбата и божиќната елка осамна на 9-ти декември. Полицијата ја отстрани и го обезбедуваше плоштадот. Годинава Вороњин не е веќе претседател, а во Молдавија има божиќни елки. Молдавската Православната Црква, која е лојална на Московската Патријаршија, негодува, но премиерот Влад Филат изјави дека нема враќање назад.


Ја донесовме оваа одлука сите заедно, разговаравме и со патријархот Владимир. Изненадени сме од нивното однесување, но секој има свои приоритети. Владин приоритет се слободите и правата на сите граѓани на Молдавија.

Молдавија не е единствената земја каде што има ваков проблем и каде што црквата е во спор или во сојуз со Владата. Можеби Србија е најдобриот пример. Погребот на патријархот Павле беше со таква масовност, која не е видена во Србија од времето на погребот на Тито. 95-годишниот патријарх беше нашироко респектиран за неговата хуманост, но беше и обвинуван за неосудувањето на српскиот ултра-национализам. Властите во Србија, кога почина Павле, прогласија три-дневна жалост и не работеа училиштата и некои канцеларии, што според критичарите беше кршење на Уставот кој ја дефинира Србија како секуларна држава.