Без единство на врвот нема црвена линија

Од последната лидерска средба - како до консензус?

Додека не се постигне единство по однос на клучните прашања меѓу власта и опозицијата, нема да има решение во спорот со Грција, вели дел од домашната стручна јавност. Експертите укажуваат дека ако не се постигне консензус, не само меѓу политичката, туку и меѓу интелектуалната па и пошироката јавност, спорот нема да се реши и македонските евроинтеграции ќе бидат блокирани
Додека не се постигне единство по однос на клучните прашања меѓу власта и опозицијата, нема да има решение во спорот со Грција, вели дел од домашната стручна јавност.

Политикологот Владимир Божиновски вели дека, ако не се постигне консензус, не само меѓу политичката, туку и меѓу интелектуалната, па дури и меѓу пошироката јавност, спорот нема да се реши и македонските евроинтеграции ќе бидат блокирани.
Ние ако сакаме да им докажеме на државите коишто членуваат во овие две организации дека сме во право - мораме да бидеме единствени

,,Ние ако сакаме да им докажеме на државите, особено на државите коишто членуваат во овие две организации, за да докажеме дека ние сме во право - мора да бидеме единствени. Не може премиерот и владата да кажуваат едно, а опозицијата да кажува друго“.

Тој вели дека на Грција и е полесно да ги дефинира своите позиции од кои не отстапува, затоа што има внатрешно единство во однос на тоа прашање.

,,Ние не може да дефинираме наша црвена линија како што го бара тоа Бранко Црвенковски, ако претходно немаме постигнато консензус. Како може владата сама да дефинира црвени линии ако не се согласува опозицијата и ако со тоа потоа се поткопа позицијата“

Божиновски вели Македонија не може да води тврдоглава политика, но не смее ниту да ги прифати сите грчки барања, а за тоа, според него, е потребно внатрешно единство. Логично е, притисокот од странските дипломати за решавање на спорот да се зголемува, вели тој.

,,Оние што ќе видат дека има простор за притискање и за притисок, ќе притискаат уште повеќе. Тоа е дипломатијата. Нив не ги интересира во моментот кој е во право, кој не е во право, туку ги интересира тоа прашање да се затвори бидејќи прави штета на самата унија“.

Професор Мерсел Биљали вели дека со неможноста да се постигне консензус за круцијалните прашања, македонските политичари покажуваат дека немаат потребен државнички капацитет.
Ние сега сме во своевидна парализа и дури го негуваме тоа


,,Особено тука одговорноста е на власта која многу игнорантски се однесува кон другите политички субјекти и тоа најверојатно негативно ќе се рефлектира и веќе се рефлектира. Се покажа дека ние цело време губиме енергија за прашања кои треба многу бргу да ги решаваме за да тргнеме кон општиот развој. Така што ние сме во своевидна парализа и дури го негуваме тоа“/

Претседателот на опозицискиот СДСМ Бранко Црвенковски, по заедничкиот ручек со лидерите на политичките партии што во петокот го организираше евроамбасадорот Ерван Фуере, рече дека се плаши дека Македонија, се уште, нема дефинирано сценарио за наредните шест месеци, во кои повторно треба да се отвори прашањето дали земјава ќе добие датум за преговори со ЕУ.
Премиерот Никола Груевски, пак, во петочното интервју во емисијата Јади бурек на Наша ТВ, рече дека, ако му ја каже стратегијата во преговорите за името на Црвенковски, тоа исто како да му ја кажал на Папандреу.