Сите неделници во уводниците се занимаваат со одлуката на ЕУ и последиците за Македонија. Според „Глобус“, Македонија тоне се подлабоко. „Фокус“ пак, пишува дека „преродбата спаднала на бранковите позиции за спорот со Грција“.
,,Глобус,, на насловната страница го третира Самитот на Европа со песимистички наслов дека ,,Македонија тоне се' подлабоко,,. Во исклучително острата и емотивна анализа-реакција на пропуштената шанса, неделникот смета дека забаталена од Европа, Македонија ја чекале нови и нови јалови дискусии на тема - името, дека власта ја држела целата држава како заложник свесно пропуштајќи ја шансата за надополнување на пропуштеното и дека трагикомично продолжувала да ја обвинува Атина за нејзината тврдокорност околу црвените линии. ,,Форум,, на насловната пишува дека ,,Банкротирана Грција ја турка ЕУ во стечај!,, за, потоа, во остриот уводник, исполнет со зборови како фашизам, геноцид, нацизам,етнички погроми и ткн. да ја пласира тезата дека Папандреу, решавањето на катастрофалната економско-финансиска ситуација во земјата ќе го натера повторно во Брисел, со просјачки испружена рака, како што вели, да бара од Унијата да ја вади од калта. Токму затоа се поставени толку максималистички барања од Македонија, како што пишува, за да може да тргува со Македонија како со стока. Во замена за помошта од Брисел така ќе може попушта до за нас се' уште неприфатливи услови. ,,Форум,, луто забележува дека нашата позиција во преговорите е конфузна и недоквакана и оти Грците не биле толку моќни, колку што ние сме неодговорни и разбиени, повторувајќи и во овој број дека опозицијата и власта требале заедно да ја дефинираат македонската црвена линија во преговорите за името. На насловната страница на ,,Сега,, е искористен еден од вицовите, кај нас особено популарни, за филмскиот актер Чак Норис, дека само тој може да добие датум за преговори, а уводникот и' е посветен на ,,Парадата на евроскептицизмот,, со која, како што пишува, Груевски бил испратен во Брисел со пораката дека Македонија верува оти Европа подготвува геноцид врз Македонците. Авторот вели дека, како што ќе поминува времето, ќе сме сфаќале дека од жалопојки и од рецитали нема фајде и оти ќе сме морале да соочиме со вистината. Така е со нас Македонците - нас секогаш отпосле ни текнува и затоа секогаш одлагаме и доцниме, резигнирано завршува авторот на уводникот во ,,Сега,,. Во уводникот на ,,Фокус,,покрај другото, пишува дека чекор по чекор, Преродбата спаднала на Бранковите позиции за спорот со Грција. Премиерот одамна не ја спомнува двојната формула, вели авторот, устата му е полна со одбрана на идентитетот. Во тоа е финтата, пишува неделникот, Груевски го брани она што не е предмет на напад, за на крајот никој да не го праша зошто и тој крена раце од името?! Фала Богу, кој ќе мисли на име, кога сме успеале да гоодбраниме идентитетот, заклучува со прашање ,,Фокус,,.