Власта одговорна за буџетот

Зградата на Владата на Република Македонија

Експертите не се согласуваат со идејата на Јован Манасиевски од ЛДП за формирање Фискален совет за контрола на трошењето на буџетот.
Буџетот го крои владата, која ја има добиено довербата на граѓаните на избори, се согласуваат експертите по предлогот за формирање фискален совет, независно тело кое би ги одредувало начините на трошење на народните пари. Граѓаните избираат влада, за таа да ги троши парите и така е во цел свет, појаснува економскиот аналитичар Ден Дончев:
Но, сепак лично сметам дека самата влада, гледано од идеолошки аспект, самата владеачка партија е таа која е одговорна за фискалната политика. Така е секаде во светот и не гледам причина зошто ние како држава би отстапиле од тоа.


„Голем број од расходите барем во моментов се апсолутно неоправдани и апсолутно имаме една мегаломанска фискална политика која повеќе е во улога за потребите на владеачката партија, отколку на државата. Но, сепак лично сметам дека самата влада, гледано од идеолошки аспект, самата владеачка партија е таа која е одговорна за фискалната политика. Така е секаде во светот и не гледам причина зошто ние како држава би отстапиле од тоа.“

Професорот Ванчо Узунов вели дека без разлика на критиките за трошењата од народната каса, експертите може да се консултираат, но не може да се инволвираат за изготвување и извршување на буџетот:

„Сега, единствено добро за владата е самата да може да се консултира, значи да го предложи буџетот, но да рече, еве консултиравме и експерти. Ама, тоа не верувам дека владата ќе го направи.“

Узунов додава дека актуелната влада ја има добиено довербата на граѓаните, а со тоа ја има и надлежноста да ги троши парите од државната каса:

„Тоа тело не може да делува политички. И се одзема можноста на владата да создава своја политика. Таа мерка би била многу поверојатна во случај кога владата би била слаба, во крах, а не влада што има толкав рејтинг и на последните избори доби толкаво мнозинство без проблем.“

Екс министерот за финансии Џевдед Хајредини вели дека министерството за финансии го предлага буџетот и за тоа сноси одговорност:

„Право на министерот е дали некого ќе консултира итн. Меѓутоа, официјално, јавно и формално никаква одговорност не можат да преземат експерти.“

Инаку догодинешниот буџет веќе е влезен во собраниска процедура.