Неделен печат – Љупчо Георгиевски се враќа

Неделникот ,,Фокус„ во својот последен број донесува анализа за тоа што ќе значи за премиерот Груевски, враќањето во политиката на поранешниот лидер на ВМРО ДПМНЕ Љупчо Георгиевски.
,,Судбината на Груевски е во рацете на Љупчо,, е насловот на уводникот во најновиот број на неделникот ,,Фокус,,. Всушност, по неодамнешниот конгрес на ВМРО-Народна на кој лично Љупчо Георгиевски најави враќање на политичката сцена, неделникот се обидува да даде одговор на прашањето дали Георгиевски се враќа за да го закопа, како што вели, Груевски, или за да го спаси својот наследник во ВМРО-ДПМНЕ. Неделникот смета дека рејтингот на владејачката партија и на нејзиниот лидер незапирливо ќе паѓаат, поради се посилните тврдења дека Груевски ќе го омекне тврдиот став и дека работата со името е веќе готова работа, дека ќе има отстапување од двојната формула што тој ја заговараше, и дека, најверојатно нема да биде организиран референдум, што, всушност, ќе значело пораз на политиката на Груевски која токму на кавгата со Грците ги доживеа своите ѕвездени височини. Неделникот ја
Љупчо Георгиевски, поранешен премиер на Македонија и лидер на ВМРО ДПМНЕ
застапува тезата дека и тоа би било сварливо за Груевски да не се појавеше најавата на почесниот лидер на Народна дека се враќа на политичката сцена. Во тој случај, разочараните гласови на ДПМНЕ-овците ќе имале избор од кој нема да можат да се срамат. ,,Фокус,, претпоставува дека Георгиевски ќе има за што да ја употребува својата позната реченица: ,,Реков и пак ќе речам,,: за името Северна Македонија на кое играше од почетокот, за антиквизацијата како причина за влошување на нашата меѓународна позиција, за откажувањето од Александар, и за прашањето на отстапките кон Албанците, всушност, за омиленото ,,албанско прашање,, коешто е неодминлив магнет за вмровските гласови. ,,Топката е кај Георгиевски,, пишува ,,Фокус,, и додава:,, Нема белки покрај толку многу прашања Георгиевски да ја насочи својата сила само кон рехабилитацијата на Ванчо Михајлов,, завршува неделникот со констатацијата дека би било наивно да се верува дека на Груевски би му подарил појас за спасување , туку така, од пуста желба повторно да биде пред времето.
Уводникот на ,,Форум,, е насловен со прашањето ,,Жешка,, есен,, при што зборот жешка е во наводници. Алудира на најавите на опозицијата дека во Македонија есента ќе била жешка поради политиката на владејачката партија, правејќи се, всушност, само за да ја добиела власта повторно. Нападите на сите фронтови, како што пишува ,,Форум,, придонесоа соперникот да биде посилен, мислејќи, при ова, на владејачката партија. Неделникот ,,Форум,, го обвинува Бранко Црвенковски дека низ целото политичко дејствување правел сплетки со националниите интереси, потсетувајќи на референдумот за Илирида, случајот со паравојската на неговиот партнер во Владата, и, како што пишува, со разградувањето на власта и со притисокот на герилата и на теророт во 2001, за да заклучи дека нему и на другите опозициони партии, коишто ги нарекува ,,дребни до исчезнување, трабанти,, не им било важно ниту името, ниту идентитетот, ни културата, ни опстојбата на македонскиот народ,ни државата ,туку дека само им била важна власта, а не решението.
Уводникот на ,,Сега,, овој пат со речиси неприлежен наслов ,,Доџи да попуш(т)имо заједно,, во кој буквата Т е ставена во заграда, поентира со тезата дека Груевски и неговите сопартијци, доколку успее да се реши проблемот Грција со компромис, ќе немаат кого да обвинуваат, па пишува: ,,Крив бил Киро, крив бил Бране, крив бил Љупчо, крив бил Начмиш, да простате. Сега, батик , крив ќе биде Грујо! Грујо ќе попуш(т)и, никој друг! Ќе дојде време човекот да заплаче како Глигоров на времето: Не ме оставајте сам!,, Неделникот е уверен дека еден ден, кога демократските сили во Македонија ќе зајакнат, Груевски ќе ја плател цената за своите ,,остварувања,, со изборен пораз, но ако сега реши да биде доблесен и храбар да постигне компромис, ќе можел да смета на поддршката на евроатлантско ориентираните граѓани, односно на луѓето коишто вмровците ги сметаат за ,,предавници,,завршува неделникот ,,Сега,,.