Македонскиот министер за одбрана Зоран Коњановски денеска ја започнува дводневната посета на Авганистан. Тој ќе ги посети војниците од македонскиот контингент во составот на Меѓународната мисија за поддршка на безбедноста ИСАФ, а ќе има средби со командантот на Мисијата, генерал Стенли Меккристал и со високиот цивилен претставник на НАТО во Авганистан, амбасадорот Фернандо Џентиле. Посетата на министерот Коњановски е во пресрет на најавеното зголемување на учеството на македонските мировници во ИСАФ. Имено, Македонија ќе го зајакне своето учество во 2010 година за дополнителни 80 лица, кои ќе извршуваат задачи во составот на Националната гарда на американската држава Вермонт.