Неделните весници го анализираат позитивниот извештај од ЕК, но со забелешка како што стои во насловот на неделникот ,,Фокус" ,,Ништо од Европа без виткање кичма пред Грција". И ,,Форум", исто така се фокусира на извештајот од ЕК и ,,условот" за решение за името.
Неделникот ,,Фокус,, на насловната вели: ,,Ништо од Европа без виткање кичма пред Грција,, што, всушност, е поента на неделната колумна, а во текстот,пак, насловен со иронично прашање:,, Дали сте за укинување на изборите, со оглед дека во Македонија нема опозиција?,, покрај другото пишува дека стеснет до 'ѕидот на плачот' Груевски почнал да размислува за ''вин-вин" ситуација (победи-победи) . Поточно, да направи договор за името со Грција, што би го претставил како голем успех, а притоа да ја забетонира својата политичка власт на нови избори. Оваа разврска, според ,,Фокус,, не била без изгледи. Ваквото сценарио би било вистински политички меден месец за власта и претсмртен кошмар за опозицијата, пишува неделникот. ,,Фокус,, излегува со теза дека доколку власта ги реши крупните политички прашања, разбивајќи и лево и десно, и трудејќи се, особено, да разбие се што мириса на опозиција - опозицијата ќе немала политичка агенда со која ќе и парира на власта, и ќе немало кој сериозно да се бори против ВМРО-ДПМНЕ. Но, Груевски тогаш ќе мора да се соочи со народот, а секое следно соочување, според ,,Фокус,, ќе му станувало се понепријатно. Неделникот ,,Форум,, десетината први страници ги посветува на позитивниот извештај за земјава од Брисел како и на евроинтеграциските изгледи на Македонија. Оптимистички, во неделната колумна, ,,Форум,, како да ги потврдува шпекулациите дека фантомското референдумско прашање ,,Дали сте за влез во НАТО и ЕУ под името Северна Репувлика Македонија,, што го експлоатираа некои дневни весници, а Владата демантираше дека е нејзин пробен балон, -всушност е тоа. По позитивната вест од Брисел сега ние треба да предложиме, пишува во колумната на ,,Форум,, име за компромис со Грција и да го потврдиме на успешен референдум. Горе спомнатото референдумско прашање со името Северна…и таканатаму Македонија, за ,,Форум,, би било најблиско решение за грчкиот проблем со нашето име. Неделникот ,,Глобус,, и во овој број се занимава со МАНУ, овојпат, со анализата на нејзината внатрешна состојба, откако го ,,произведе,, според оценките на повеќето академици, интелектуалци-Македонци, Албанци, и припадници на другите етнички заедници - неуспешниот проект Македонска енциклопедија. ,,Академијата на крстопат,, е насловот на пошироката анализа, во која, во поднасловот пишува:,, На МАНУ не и треба гола козметика, особено не со пембе-политичка шминка, туку драстична промена на исполитизираната матрица, ново самовреднување и болно отрезнување од глорификаторската опиеност,,. Потоа неделникот прашува дали никому во власта не му е јасно дека скриениот националистички адут во ракавот, наместо кон Европа, води кон колапс и на идејата за македонска држава, за, покрај другото, да постави реторичко прашање дали во Македонија постои критична маса која ќе се заложи за соживот без скриени намери и обиди за привремено залажување на меѓународната заедница?