Наметнатиот спор од Грција за нашето уставно име, колку и да изгледа апсурден треба да се реши, изјави премиерот Никола Груевски во говорот на Свечената академија синоќа во Клубот на пратениците во Скопје по повод 11 Октомври – Денот на борците и 68-годишнината од народното востание. Според Груевски, македонскиот државно-политички врв сака решение и е подготвено да седне на маса со соседот затоа што граѓани имаат тешкотии поради нерешавањето на тој спор. „Ние добро знаеме кои сме и што сме. Ние сме Македонци, такви сме биле отсекогаш“, рече во обраќањето премиерот Груевски, додавајќи дека решението треба да биде на линијата на почитувањето на меѓународното право и документите на Обединетите нации, односно правото на самоопределување содржано во Атлантската повелба.