Дејв Гудман во Скопје

Гитара

Дејв Гудман, американскиот гитарист, пејач и композитор, настапува во МКЦ каде ќе одржи промотивен концерт на кој ќе го придружуваат неколкумина македонски музичари како Јаков Дренковски, Петар Ренџов, Љупчо Трајковски Фис и други. Тој во Скопје доаѓа како артист на Јамаха, а зад ова гостување стои музичката продавница До-Ре-Ми.
Роден како седмо дете на 28 март 1965 година во Викторија, Канада, Дејв Гудман израснал во семејство во кое сите членови свиреле по неколку инструменти. Самиот до 12-та година од животот учел да свири на виолина, за да потем се префрли на електрична гитара и започне да настапува со своите постари браќа. Како тинејџер влегол во светот на блузот под менторство на Дејв Видал, познат гитарист од Западниот брег. Во тој период пројавува и голем интерес за џезот, па така покрај свирките со своите школски другари, едукацијата ја продолжи на колеџот во Ванкувер каде тајните на имприовизираната музика му ги откривал Брус Клаусен. Следните неколку години свирејќи по клубовите и малите концертни сали ги поминал Канада и САД, а како особено бележити моменти од тоа време гитаристот ги смета сесиите што ги имал во извиканиот Вејв Ваикики со славниот саксафонист Дејвид Санборн и составот ВАС НОТ ВАС. Наедно музицирал во составите на големите канадски автори како Нил Џејмс Харнет и Марк Хаселбах, а во 1990 Дејв се сели во Северна Калифорнија каде ќе стане еден од двигателите на тамошната Беј арена блуз сцена свирејќи со колегата по инструмент Стив Кимок и пејачката Џаџ Марфи во нивниот ГУДМАН МАРФИ БЕНД. Разбирливо, следуваат и неколкуте објави за Блуз биро интернешнл на кои соработувал со денес славните Томи Кастро, Џони Нитро, Гарт Вебер и Крис Коб, а бележита е и неговата активност со сопственото трио во кое биле пијанистот Стју Бленк и тапанарот Тју Смит. Токму со нив Гудман имал можност да музицира со легендарниот Џон Ли
Скопје
Хукер, чиј потпис на својот Стратокастер и ден денес љубоморно го чува. Отсекогаш љубопитен и со истражувачки дух Дејв, во соработка со малата калифорниска работилница за засилувачи, го дизајнирал својот Риволвер, ротирачки систем на звучници за гитара (нешто слично на оној на Лесли за органа), кој сериски започнал да се произведува во 1995 година, а по промоцијата првите два за себе си ги набавил големиот Карлос Сантана, кого летово го видовме на Градскиот стадион во Скопје. Напоредно со ова, како член на ФОРД БЛУЗ БЕНД, Гудман ќе музицира по Европа, со канадскиот тапанар Арон Андерсон и хавајскиот басист Били Мендоза, ќе го објават и албумот со концертни снимки забележан на Бреминале фестивал, а во 1998 година тој конечно решава да се пресели во Бремен, Германија. Овде, заситен од она што дотогаш го работел, решава да го смени стилот на свирење и му се свртува на свирењето на озвучена акустична гитара и пишувањето на сопствени песни. На својот прв акустичен албум Роудбук рајмс, објавен за Кроскат рикордс во 2000 година, претставува неверојатно возбудлива интимна колекција на оригинални творби кои својата предлошка ја имаат во традицијата, но и претставуваат повеЌе од надежен кантавтор. Четири години подоцна во истиот стил следува Рокс, Скајс енд Вотерс, главно сниман со европски музичари, албум кој одлично поминува кај критиката, а во 2006 година по бројните настапи како солист и во три формација, тој станува артист-промотер на компанијата Јамаха. Како инструменталист со самосвоен стил на изведба на акустична гитара што вклучува напрстоци на десната рака, Дејв Гудман најнапред ќе одржи музичка работилница за младите гитаристи, а подоцна и мини-концерт заедно со македонските музичари Јаков Дренковски, Петар Ренџов, Љупчо Трајковски Фис и други. Влезот за овие случувања во Клубот на МКЦ е слободен.