Нема пари за исплата на плати

Пари и кредитни картички

Економската криза во македонските претпријатија се продлабочува, а според неофицијални податоци околу 50 илјади работници сеуште ја чекаат платата за месец август. Освен во приватниот сектор од ССМ велат дека платите доцнат и за јавната администрација
Фирмите се задолжени, а државата се задолжува за исплата на плати и придонеси за вработените и буџетските корисници, тврдат експертите и упатените. Согласно официјалните податоци на Управата за јавни приходи, фирмите должат околу 12 милиони евра за неплатени придонеси и персонален данок за работниците. Според се уште неофицијални проценки, околу 50.000 работници сеуште ја чекаат платата за месец август. Од тука се поставува прашањето дали владините антикризни мерки го поткрепија приватниот сектор во земјава? Шенај Хаџимустафа од Центарот за економски анализи вели дека една од главните мерки кои требаше да им помогнат на претпријатијата беа поволните кредити од европски пари.

,,Тоа што владата сметаше дека ќе даде најмногу ефекти во поглед на мотивирање на бизнис секторот беше најмногу во поглед на самите кредити што тие требаше да ги добијат од Македонската банка за подршка и развој. Како што знаме тие кредити веќе доста доцнат."

Хаџимистафа додава дека процедурата за добивање на поволните кредити трае минимум четири месеци:

,,Значи еден месец има Комерцијалната банка рок, значи да даде одговор по однос на кредитното барање, а потоа значи Македонската банка за поддршка и развој за дополнителни три од четири месеци, значи тоа е минимум рокот."

Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека исплатата на плати и придонеси доцни и за буџетските корисници Милан Живковиќ од ССМ вели дека буџетарите јавно не се жалат за овој проблем:

,,Ние имаме податоци дека и во јавната администрација доцни исплатата на плати."

Недостатокот на акционен план и преголемата администрација, според Живковиќ, се причини за доцнењето на платите:

,,Нормално кога имаме преголема администрација, а нема некој акционен план каде што сето тоа ќе се регулира нормално е дека сето тоа ќе резултира со доцнење на платите од месец, месец и половина, дури и до два месеци. Но, сепак знаејќи дека јавната администрација мора да ги исплати тие плати, вработените не излегуваат во јавноста со тие податоци."

Инаку, Управата за јавни приходи за осум месеци пресметала близу 300.000 евра камата за задоцнети плати и придонеси. Бројот на фирми кои не исплатиле плати во август годинава се искачил на 12,800 додека лани 4500 фирми ги немале исплатено давачките.