ЕУ надмина една криза за да се соочи со друга

Еден од самите на ЕУ во Брисел

Ирското ,,да,, за Лисабонскиот договор, по се изгледа не е доволно за почеток на долгоочекуваните реформи на Европската унија. Сепак, според аналитичарите, Договорот е добра вест за проширувањето на Унијата.
Кажано со традиционалната европска иронија, Унијата надмина една криза, за да се соочи со друга. И по ирското референдумско одобрување, Лисабонскиот договор останува под закана, предупредуваат аналитичарите и медиумите во Европската Унија. Притоа се цитира, чешкиот претседател Вацлав Клаус кој важи за еден од главните евроскептици и кој откако беше познат резултатот од ирското изјаснување изјави:
Чешкиот претседател Вацлав Клаус

,,Сите знаеме дека доколку завршеше поинаку, ќе имаше трет, четвртти, петти, 59 референдум се додека конечно не заврши како што треба. Мислам дека тоа е погрешно и затоа не треба така да се прави во светот и во Европа.,,

Изјави Вацлав Клаус кој најави дека нема да го потпише Лисабонскиот договор се додека Уставниот суд не пресуди во врска со жалбата на 17 чешки сенатори. Со сличен став е и лидерот на британските конзервативци Камерон.

,,Ние сите сакаме референдум за Лисабонскиот договор. Се чувтсвуваме измамени дека не ни даден иако владата ни го вети. Лути сме што ирците добија два референдума, а ние ниту еден.,,

Од друга страна шведскиот премиер Фредрик Рајнфелд вели дека нама да штеди сили Договорот да стапи во сила до крајот на годинава.

,,Ние рековме на средбите на Европскиот совет, дека овој нов устав би требало да биде усвоен до крајот на шведското претседателство со Унијата.,,
Ирското гласање и стапувањето во сила на Лисабонскиот договор многу ќе помогне за забрзување на проширувањето со Западен Балкан и Исланд...

Но, се уште не е јасно на кој од следните состаноци Унијата ќе почне со пополнување на новите функции. Дали тоа ќе биде во октомври или ќе треба да чека до крајот на оваа година. Лисабонскиот договор предвидува претседател на Европската унија кој ќе има две ипол годишен мандат. Единствен кој јавно кажа дека е заинтересиран за тоа место е поранешниот британски премиер Тони Блер. Проблематично за него е што неговата земја е надвор од евро и Шенген зоната. Најголеми негови ривали се премиерот на Луксембург Жан Клод Јункер, австрискиот екс канцелар Волфганг Шисел и холандскиот премиер Јан Петер Балкененде. Според новите правила претседателот мора да зборува англиски и француски.
Со Лисабонскиот договор се зајакнува и улогата на шефот на заедничката дипломатија за која најзаинтересиран се чини е шведскиот министер Карл Билд. Исто така со Договорот се зацврстува централната моќ врз енергетскиот, земјоделскиот, јавниот сектор но, не и врз надворешната и одбранбената политика и буџетот на секоја одделна членка. Лисабонскиот договор, според аналитичарите, е добра вест за проширувањето. Пјотр Мацеј Качински од Центарот за европска политика во Брисел вели дека Унијата сега веројатно ќе може да го исполни ветувањето што им го даде на земјите од Западен Балкан.

,,Ирското гласање и стапувањето во сила на Лисабонскиот договор многу ќе помогне за забрзување на проширувањето со Западен Балкан и Исланд. Веројатно до 2011 Исланд и Хрватска ќе станат членки, а останатиот дел на Балканот неколку години потоа.,,

Како и да е, Турција и натаму е главен проблем, бидејќи владите на Германија и на Франција продолжуваат да се противат на нејзиното членство во Унијата.