Бранко Азески, претседател на Стопанската комора

Macedonia - Branko Azeski president of the Chamber of Commerce, Skopje, undated

За возобновување на нарачките и деловните односи што ќе значи и крај на рецесијата е потребни повеќе време. Практично сметам дека сеуште треба да сме свесни на опасноста од траењето на економската криза.
Господине Азевски дали во македонското стопанство се чувствуваат оние позитивни трендови кои се јавија на странските пазари?

Во моментов тоа не е ниту можно, ниту го очекуваме. Тие веројатно ќе дадат свој резултат за неколку месеци, затоа што излегувањето од рецесија на западните земји е процес кој се случува во последните два месеци, а за да се возобноват нарачките и деловните односи е потребно повеќе време. Затоа ние очекуваме некои резултати од таа работа, но не денес.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Branko Azeski



Во август годинава се бележи пад на индустриското производство за десет проценти во однос на истиот период лани. Што значи овој пад на стопанството и до кога може да се очекуваат вакви трендови?

Падот на индустриското производство ќе продолжи во третиот квартал според предвидувањата на надлежните релевантни институции. Можам да кажам и според анкетите што ги врши Стопанската комора. Некакво подобрување би можело да се очекува во моментот кога ќе се возобноват нарачките од земјите коишто излегуваат од рецесија и го зголемуваат производството, меѓутоа тоа нема да биде лесен процес, затоа што е прашање во каков капацитет се останати фирмите после поминувањето на економската криза. Така што, не може однапред да се земе како готов факт работата дека ќе се возобноват во ист обем и дека на тој начин и ние ќе го подигнеме нивото на индустриското производство. Практично сметам дека сеуште треба да сме свесни на опасноста од траењето на економската криза. Таа криза, според сознанијата од експертите од надвор и форумите на кои присуствуваме трае и мислам дека треба многу повнимателно да се следат тие текови и да не се подлегнува на еуфории.

Според вашите сознанија дали се чувствуваат анти кризните мерки на владата? Има ли простор за дополнителни мерки?

Ако се земе фактот дека ние ја задржавме макро економската стабилност, дека банкарскиот систем остана здрав и дека немавме сериозни структурни нарушувања, треба човек да биде искрен и да признае дека веројатно тие мерки имаат свој удел во целата таа работа. Но, нашата економија не е обременета само од кризата, нашата економија влече тешки последици и од 94, 95, 96 година, од приклучувањето на регионалните пазари во кои компаниите не се снајдоа најдобро. Така што, не би можело тоа да се стави во контекст на последиците коишто ги чувствуваме од кризата.

Дали растот на цената на металите на светските пазари може да компензираат за скапото производство во Република Македонија?

Ако се земе фактот дека металургијата учествува со 40 посто во извозот на Македонија сигурно тоа има големо значење. Значи, зголемувањето на цените на металите ќе влијае за подобрување на ситуацијата кај нас. Имаме такви информации од компаниите кои работат и полека го зголемуваат производството. Така што, ние сме врзнаи за тој показател, заради структурата на нашата економија. Затоа беа и нашите заложби тој сектор по секоја цена да се зачува во услови на криза, затоа што тоа е сектор којшто учествува со најголем процент во извозот.

Металопроизводителите се жалеа на високи трошоци за струја. Како според вас може да се реши овој проблем?

Моментално цената на струјата е поволна за нив. Ние секогаш бараме решенија со владата за тоа прашање. Така што во преговори сме за тие работи, ги следиме и мислам дека искуствата во изминатиот период ќе служат како поуки дека тоа не треба да се остави на саморегулирање.

Има некои конкретни предлози за овој проблем?

Па, има конкретни предлози кои се однесуваат на воведување дополнителни пазарни механизми за регулирање на тоа прашање како берза за електрична енергија. Тие се разгледуваат од македонската енергетска асоцијација, има постојан контакт со владата и нема да се дозволи да дојде до нарушување.

Земјава за сега не е членка на НАТО и ЕУ. Во последно време се јавуваат и меѓуетнички тензии. Како сето тоа влијае врз бизнис климата во Македонија?

Па сега ние може и да имаме различни податоци околу тоа прашање. И земји кои не биле членки на НАТО и ЕУ имаат висок влез на странски инвестиции. Факт е дека земјите кои влегуваат во глобалните структури ги подобруваат своите биланси. Она што јас мислам дека е битно е да останеме на агендата на приближување до евро атлантските структури што сме ја утврдиле како земја и во којашто учествуваме сите чинители со исто мислење. И второ е во земјата да се вратиме итно на економската агенда. Затоа што мислам дека сите овие прашања што ги споменавте влијаат економската агенда да се маргинализира, а мислам дека тоа е со лоши последици по државата.

На политички план, спорот за името е пречка во односите со Грција. Како стојат односите на економски план?

Ние имаме добра соработка на економски план. Зачудувачки добра соработка на економски план со Република Грција и мислам дека политичката криза што постои можеби придонела да не се развијат повеќе. Инаку, од постојното ниво ние може да бидеме задоволни и грчките партнери кои се во Македонија се конструктивни чинители во економскиот развој на државата и се активни членки и во стопанската комора и во другите бизнис асоцијации во државата и на вистински начин покажуваат еден светски тренд којшто значи дека еден светски тренд, дека и покрај политичките проблеми економијата може да работи.