Треба ли да се преговара со Иран?

Во изминатите 8 години, администрацијата на Џорџ Буш одбиваше да преговара со Иран. Сегашната американска администрација има поинаков пристап и се подготвува за разговорите со Техеран, заедно со уште 5-те други големи сили, кои би требало да се одржат на први Октомври. Сепак, идејата за преговори со Иран нема општа подршка.

Кога претставниците на 5-те постојани членки на Советот за безбедност, плус Германија, во почетокот на наредниот месец во Турција, ќе седнат на преговарачка маса со претставниците на Иран, ќе мора да ги имаат предвид тортурата на властите во Техеран против опозицијата, како и анти-израелската реторика. Неодамна, иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџат уште еднаш го негираше Холокаустот.

“Предтекстот за формирањето на Ционистичкиот режим е лага. Окупацијата на палестиснките територии нема врска со прашањето за Холокаустот”.

Ваквиот став на Ахмадинеџат повторно ги поттикна дебатите за тоа дали со преговорите со Иран, ќе му се даде легитимитет на режимот во Техеран. Ставот на претходниот американски претседател Џорџ Буш беше дека нема преговори се додека Иран не се откаже од нуклеарната програма. Сегашниот претседател, Барак Обама, уште во кампањата не исклучи безусловни преговори со Иран. Дејвид Олбрајт од Институтот за наука и меѓународна безбедност, смета дека ваквиот пресврт на американската политика кон Иран е добар и доколку Техеран влезе во овие преговори сериозно, тогаш сите ќе бидат победници.


“Не мислам дека Обама е наивен, а знам и многу луѓе кои работат на политиката спрема Иран, кои исто така не се наивни. Тие знаат дека е многу важно да се спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје. Дел од таа политика е да се преговара со Иран, но ако не успее дијалогот, тогаш доаѓаат на дневниот ред и другите опции”.

Од друга страна, Џејмс Филипс од Херитаџ Фондацијата смета дека преговорите со Иран ќе бидат губење време и оти токму тоа е целта на режимот во Техеран.

“Мислам дека американските претставници ќе бидат таму за да слушаат и мислам дека ништо битно нема да се случи на тој состанок. Иранците соопштија дека се подготвени за разговори за широк спектар на прашања, но ќе го избегнуваат клучното, збогатувањето на ураниумот”.

Според Ентони Кордесмен, од Центарот за Стратегиски и Меѓународни студии, единствен начин да се натера Иран да го смени своето однесување, се преговорите.
Речиси сигурно, подобро за Соединетите Држави е да разговараат со Иран, бидејки ќе му покажат на светот дека не ја туркаат само воената опција

“Речиси сигурно, подобро за Соединетите Држави е да разговараат со Иран, бидејки ќе му покажат на светот дека не ја туркаат само воената опција. Вашингтон ќе покаже дека може и да ги слушне иранските ставови, а не само да повикува на санкции, па дури и да е јасно, како што и јас мислам, дека иранското раководство нема да стори ништо за да биде постигнат напредок”.

И Џо Сторк од Хјуман Рајтс Воч се согласува дека треба да се преговара со Техеран, но нагласува дека треба да се отвори и прашањето за непочитувањето на човековите права во Иран и посебно нивното влошување по претседателските избори. Сторк наведува дека Соединетите Држави имаа таков пристап со Советскиот Сојуз повеќе од 40 години, а во тоа време Москва беше многу поголема закана отколку сега Иран.