Г-20 ќе биде светски економски форум

Лидерите на Групата 20, на самитот во Питсбург се согласија да им дадат поголема улога на земјите во развој за глобалните економски прашања. На крајот од Самитот се очекува заедничко коминике од договорените мерки, кои сепак не се обврзувачки.
За разлика од претходниот самит на Г 20 во Лондон, сега во Питсбург има помалку паника, а повеќе планирање, бидејки веќе има знаци на економско заздравување. Белата Куќа соопшти дека државите членки на Г 20 се согласиле таа група да стане главен светски економски форум за меѓународна економска соработка. Американскиот министер за финансии Тим Гајтнер изјави дека главна цел е да се спречи евентуално повторување на кризата.


“Наша клучна цел на самитот е да постигнеме консензус за многу построги стандарди во врска со нашите финансиски системи. Ние не можеме да излеземе од најголемата економска криза по Големата Депресија, без да ги смениме правилата кои ја предизвикаа кризата”.

Но, меѓу лидерите сеуште постојат разлики, главно околу прашањата за регулирање на финансискиот пазар и бонусите на банкарите, кои се сметаат за главен мотив за ризичното однесување. Тим Гајтнер оцени дека реформите на финансискиот систем имаат цел тој да биде постабилен.

“Доколку ние продолжиме да дозволуваме ризикот и моќта да мигрираат а стандардите да слабеат, целиот американски финансиски систем ќе биде нестабилен и во иднина”.

Гајтнер додаде и дека силниот долар е многу важен за Соединетите Држави и оти очекува така да остане долго време. Инаку, самитот на Г 20 во Пистбург се одржува под силно полициско обезбедување, а групите демонстранти се држат подалеку од центарот на градот.