Генералното собрание на ОН ја почнува 64 седница

На седумдневната генерална дебата ќе учествуваат повеќе од 120 шефови на држави и влади кои своето внимание ќе го насочат кон изнаоѓање начини за решавање на проблемите во светот.
Американскиот претседател Барак Обама на денешното обраќање пред Генералното собрание се очекува да потенцира дека соработката меѓу земјите, а не унилатерализмот, е неопходност во справувањето со растечките предизвици со кои се соочува светот денес. Во предизвиците, според американската делегација во Њујорк, спаѓаат тероризмот, геноцидот, нуклеарните активности на Иран и Северна Кореа, сајбер нападите, епидемиите и меѓународните криминални мрежи. Американскиот амбасадор во Светската организација Сјузан Рајс вели дека Америка признава оти нејзината безбедност е поврзана со доброто на луѓето насекаде во светот. Меѓу говорниците е и новиот премиер на Јапонија Јукио Хатојама, кој, како што е најавено, ќе побара формирање азиска регионална организација, слична на Европската унија и со единствена валута. За денеска е предвиден и говорот на либискиот лидер Моамер ел Гадафи кој за прв пат ќе учествува на Генералното собрание откако пред 40 години ја презеде власта во Либија. Тој ќе се сретне и со претседателот Обама кој пак, за денеска има закажно состанок и со рускиот претседател Дмитри Медведев. Обама вчера, на маргините на Генералното собрание беше домаќин на разговорите со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјху и со претседателот на палестинската власт Махмуд Абас.
Новиот премиер на Јапонија Јукио Хатојама, како што е најавено, ќе побара формирање азиска регионална организација, слична на Европската унија и со единствена валута...


,,Измина времето на зборување за започнување преговори. Време е да се движиме напред. Време е да се покаже флексибилност, здрав разум и чувство за компромис.,,

Изјави Обама кој побара од Израелците и Палестинците во наредната недела во Вашингтон да испрат преговарачи за натамошни разговори. Еден од лидерите за кој не се очекува да се сретне со Обама, е иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад и покрај тоа што и двајцата се поканети на заедничката вечера што ја организира генералниот секретар Бан Ки Мун. Иранската нуклеарна програма ќе биде меѓу главните теми на средбите во Њујорк пред најавеното продолжување на преговорите на Техеран со петте постојани членки на Советот за безбедност, плус Германија. В четврток претседателот Обама ќе претседава на состанокот на Советот за безбедност кој ќе биде посветен на неширењето на нуклераното оружје. Вчера пак, во Њујорк се одржа самит за климатските промени на кој беше побара побрза меѓународна акција.

,,Сега е моментот да се дејствува за заедничка цел. Историјата можеби нема да ни понуди подобра шанса. Почитувани лидери на светот, ве поттикнувам во Копенхаген во декември годинава да го запечатите договорот со што се овозможува намалување на загадувањето.,,

Изјави Бан Ки Мун. Кина и Соединетите Држави, двете земји кои се најголеми загадувачи во светот, ветија нови акции за намалување на емисиите на штетни гасови, но ниту кинескиот претседател Ху Џинтао, ниту американскиот претседател Барак Обама не конкретизираа за што станува збор.