Со настапот на кочанскиот рок-пророк Симеон Иванов Канго и неговиот состав, започна второто издание на Пиволенд манифестацијата на која , е предвидено да настапат над 30 изведувачи од земјава и од странство, меѓу кои и британците СТЕРЕО-ЕМ-СИС, хрватите ПСИХОМОДО ПОП и домашните БАКЛАВА, ПАРКЕТИ, Есма Реџепова и други.
Скопје во деновите од овој викенд ќе пулсира со ритамот на вториот ПИВОЛЕНД. Покрај 40-те видови пиво, разните локални гурмански специјалитети, за љубителите на добрата забава е подготвена богата програма која ќе се одвива дури на осум сцени кои се сместени на Скопско кале и на платото пред црквата Свети Спас, со што, како што знаат да кажат организаторите на овој начин тие само ја продолжуваат акцијата за наново заживување на Старата чаршија. Ако, пак, како ѕвезди на првата вечер од музичкиот дел на програмата ги бележиме хрватите ПСИХОМОДО ПОП, кои патем во градов од поодамна имаат бројна и верна публика и романците ПОПА ШАПКА, не помалку возбудливи се и оние чии настапи допрва доаѓаат. Така, за издвојување се најавените перформанси на ДУБИОЗА КО0ЛЕКТИВ од Босна и Херцеговина, АТЕИСТ РАП од Србија и првата дама на ромската песна Есма Реџепова со нејзиниот оркестар кои ќе бидат на втората вечер, во сабота покрај другите ќе настапат битолчаните ПАРКЕТИ, потем ќе се одржи трибјут концертот посветен на една од најзначајните југословенски групи од 1980-те – белградската ЕКАТЕРИНА ВЕЛИКА, а забавата е планирано да кулминира со моќниот звук на струмичаните ОРКЕСТАР АГУШЕВИ и виртуозот на труба Кинг Кочо. За последниот ден од ова случување, недела, се оставени босанците ВУЧЕНИ, домашните БАКЛАВА и ПИ ЕМ ЏИ КОЛЕКТИВ, свој сет че имаат и британците СТЕРЕО ЕМ-СИС, инаку стари познаници на овдешните овдешните журкаџии. И, кога сме веќе, кај овие случувања само да забележиме дека сите четири дена во предвечерието ќе музицираат помлади независни бендови кои го негуваат пожестокиот пристап на рокенролот. Освен со понудата од централната сцена, посетителите ќе може да се забавуваат и со она програмата од етно и денс сцената, да гледаат одбрани филмови или да влезат во Игротеката за возрасни. Таму, секој според своите афинитети, ќе може да се вклучи во еден од тимовите за популарното фудбалче, да одигра партија шах или табла, да си ги проба силите во туркање со рака, да се обиде да биде победник во фрлање пикадо, рулет или Не лути се човеку, а во духот на Фестивалот влогот во секоја од споменатите игри е чаша пиво. За мнозина од повозрасните, веројатно, многу повозбудливи ќе бидат игрите во рамките на новопромовираниот СРЕДНОВЕКОВЕН ФЕСТИВАЛ, кој е планирано да се одвива на платото на црквата Свети Спас и на кој ќе настапат и бројни костимирани натпреварувачи. А, кога сме кај новитетите, да спомнеме и тоа дека по прв пат во Македонија ќе биде одржана и Тивка забава која од класичните журови со моќно озвучување се разликува по тоа што посетителите ќе добијат слушалки и со нив на учите ќе може да уживаат во музиката што ќе ја вртат диџеите, во случајов главно оние од Радио АНТЕНА 5. Овој вид забава беше промовиран на фестивалот во Гластонбери во 2005 година, а летово како Тивко диско беше претставен и на новосадскиот Егзит.
Кон ова, само уште информацијата дека организаторите Здружението на граѓани Пиволенд и Литиум рекордс отпечатија богат мини-каталог во кој покрај програмата за манифестацијата е на убав нашин претставена историјата на пивото.
Кон ова, само уште информацијата дека организаторите Здружението на граѓани Пиволенд и Литиум рекордс отпечатија богат мини-каталог во кој покрај програмата за манифестацијата е на убав нашин претставена историјата на пивото.