Македонија го празнува 8-ми септември

Македонија одбележува 18 години од успешно спроведениот референдум, на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава. На 8- ми септември 1991 година убедливо мнозинство од над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот позитивно одговорија на референдумско прашање - Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија. На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25-ти јануари 1991 година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18-ти септември 1991 во Собранието на Македонија. По повод 8- ми септември Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов во вилата Водно ќе одржи прием за поранешните претседатели на Македонија Киро Глигоров и Бранко Црвенковски и за сопругата на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски, Вилма Трајковска. Свечената академија по повод одбележувањето на 8- Септември ќе се одржи во Македонската опера и балет.