Македонија и Хрватска за побрза сукцесија на имотот на СФРЈ

Македонија и Хрватска ќе побараат придвижување на процесот на сукцесија на имотот на поранешна Југославија, што е замрзнат веќе две години. За отворање на ова прашање, како што јави МИА, синоќа разговарале министрите за надворешни работи на двете земји Антонио Милошоски и Гордан Јандроковиќ, на маргините на Стратегискиот форум на Блед. Милошоски појасни дека пред две години е направен формален договор кој на хартија е усогласен, но оти неговото остварување не се случи. Многу објекти сеуште се во владение на Србија и не се дадени на другите земји. Недостига примената на тој договор и би сакале да го отвориме тоа прашање, да видиме што може да се направи бидејќи ниту ние имаме полза од таквата состојба, ниту Србија, која и покрај тоа што држи многу објекти во свое владение, многу од нив не ги користи, рече министерот Милошоски. Тој сепак изрази надеж дека со заеднички напори и во консултации и со БиХ, Словенија и Црна Гора, ќе може да се придвижи овој процес.