Ванчо Узунов, професор

Ванчо Узунов, професор

Има излез од лошата економска состојба. Но, додека извезуваме производи со мала додадена вредност ние ќе бидеме сиромашна земја. Потребни се промени, тоа е долготраен процес, а изведувањето е страшно тешко. Задолжувањето со скапи пари во услови на криза за непродуктивни трошоци скапо ќе не чини во иднина.
Професоре Узунов, има ли излез од лошата економска состојба?

Има излез, неможе да нема, меѓутоа точно е дека кај нас тоа многу долго трае додека да се види. Еве 20 години сме во транзиција и сеуште Македонија треба да е среќна ако го достигнала во економска смисла, нивото на богатство од пред транзицијата. Излезот е во тоа, Македонија да стане способна и во економска смисла да стане држава која што може да се натпреварува, да произведува производи кои што ќе се продаваат на пазарот на ЕУ, што е некој наш таргет. И тоа е долгтраен процес и тој бара многу промени, сега многу е лесно да се каже тоа, но да се изведе е страшно тешко. Проблемот на Македонија е тоа што ние постојано правиме некои промени, како приватизацијата, па после менувавме и други услови за работа, па за бизнис, и незнам уште што не, и на крај сепак кога ќе се види, ќе видиме дека Македонија, наликува во економска смисла според структурата на производите и дејноста, како економија која што ја почна транзиацијата. Ние сеуште го имаме извозот, челик, текстилни производи, значи производи со мала додадена вредност. И се додека имаме такви производи, се додека тоа произведуваме, ние ќе бидеме сиромашна земја.

Кога светската криза дојде во Македонија и кога ќе си оди?

Кризата се знаеше дека ќе ја зафати Македонија и немаше начин тоа да не се случи. И не дека ние во Македонија тоа не го знаевме, јас мислам дека дури и Владата го знаеше, но таа реагираше сосема спротивно на почетокот на кризата, без да признае дека ќе има криза и дека ситуацијата ќе стане уште полоша. Никому тоа не му направи услуга, ниту на самата Влада, а зошто така реагираше Владата мене и натаму ми е нејасно. Инаку кризата во светот почна, некаде порано, но сепак некаде околу првата половина на 2008 година, тогаш веќе почна да се чувствува секаде во светот и таа на почетокот почна како финансиска криза, на банкарскиот дел од финансискиот сектор и брзо премина и во оној небанкарски дел од финансискиот сектор, на хартии од вредност, а потоа тоа го погоди делот на индустрија и услуги. Во Македонија првиот бран на финансиската криза не дојде, не ја зафати земјата, бидејќи финансискиот секотр на Македонија не е многу поврзан со светскиот финансиски систем, меѓутоа кога дојде кризата во реалниот сектор, во индустриското производство во државите во светот, и во Европа, што е за нас најбитно, е тогаш бидејќи Македонија е поврзана, со извоз – увоз, тогаш ја погоди и македонската економија и тука ние се најдовме во сред криза како и сите други држави во светот, со задоцнување од да речеме половина година. Сега каде е излезот? Исто ќе доцни, барем половина година после опоравувањето на економиите во светот. Како што доцнеше при доаѓање, така ќе доцни и при одење, затоа што кризата во светот треба да помине, тие индустрии да се осетат здрави, за да согледаат дека отсега ситуацијата ќе биде добра и дека вреди да се инвестира, па да почнат да се бараат нови порачки од земји како Македонија, па тоа да го направат, па да пројде еден циклус на производство тоа да се наплати, па дури тогаш во Македонија ќе дојдат повеќе свежи пари и ние ќе речеме дека сме излегле од кризата.

Колку во целата криза има политика?

Испреплетени се многу, тоа не се случај само кај нас, секаде во светот е така. Имено оваа криза се случи заради лошо водење на политика и не е дека никој во светот не знаше дека ќе има криза и каде тоа ќе се случи, знаеа доволно луѓе и што е интересно, кризата си имаше свои рани сигнали. Кога пропаднаа одредени фирми, тоа беа почетоците и тогаш светот требаше да види и да каже дека тоа еден ден многу лошо ќе заврши. Јас мислам дека луѓето видоа, стручњаците, меѓутоа политиката не реагираше затоа што во моментот им чинеше ситуацијата таква каква што е. Проблемот на финансиската криза беше лоша регулација на финансиските сектори, и тоа луѓето го гледаа, тие што требаше да видат, меѓутоа тие што требаше да го сменат, не го сменија и на крајот го видовме целиот негативен исход.

Владата на неколку пати преземаше мерки за ублажување на кризата. Колку тие профункционираа?

Владата кај нас, како што почна, прво рече дека нема криза, дури рече и дека ќе имаме корист од таа криза, па после тоа, ајде имало некаква криза па донесе некои мерки. Во целата брзоплетост да се признае, да не се признае работата и во целата брзоплетост да се остави впечаток на правење нешто, а не навистина да се направи нешто и тој сет мерки донесени пред Нова Година беше повеќе козметика. Тоа беа некои работи коишто реално не можеа да значат некое големо олеснување за стопанството, беше најавено дека и нашата влада прави нешто кога веќе прави и владата на Хрватска и на Германија и на САД и на Британија, еве и на Македонија. Тоа беше сплет на мерки којшто не направи повеќе беља од корист, но голема корист не направи. Потоа, владата уште неколку пати реагираше со мали промени во мерките. Но, таа сеуште не сака да ја признае длабочината на кризата и затоа не сака да преземе нормални мерки. Првиот проблем којшто се чувствува сега и којшто ние ќе го чувствуваме и кога ќе помине кризата е задолжувањето што го прави владата за буџетот, за да не ја смени својата политика. Или да не ја смени колку што треба. Се прават ребаланси, еве и втор ќе се направи, а кратењето не е ни толку колку што се појави недостаток со првиот. За да се покрие со пари, владата се задолжува, што на домашен пазар, што на светски пазар. Тоа само значи дека утре кога ќе помине кризата, и кога на оваа економија ќе и тргне, ние уште еден период, година, две, три, ќе треба да враќаме тоа што сега ќе го изедеме повеќе од што треба. Барем да беа овие кредити и ова задолжување ставени во некои инфраструктурни објекти, или во дејности и зафати коишто ќе значат во моментот подобрување на економската состојба на Македонија, меѓутоа трошење за непродуктивни цели на позајмени, скапи пари е апсолустно неприфатливо.

Треба да се донесе нов ребалананс на буџетот меѓутоа премиерот Никола Груевски рече дека економската состојба се подобрува и дека буџетот се полни?

Премиер кога ќе рече состојбата дека се подобрува, мене многу ме интересира, барем со една реченица да каже зошто се подобрува? Кој е факторот што придонесе состојбата да биде подобра? Што се откри нафта во Македонија? Не. Се откри злато? Или некој друг благороден метал? Не. Нагло ние може да произведуваме некои софистицирани производи? Автомобили, компјутери, роботика, биотехнологија, па тоа во светот го купуваат иако е криза? Не... Па како се подобрува економската состојба? Знаете, во економијата кога ќе речете ова е ефектот, треба да кажете, од претходната таа и таа мерка. Или случајност. Во Македонија ништо не се случи што можело да резултира во позитивен ефект. Премиерот вели имаме позитивни поместувања, без да каже зошто. Уште и имплицитно тврди дека тие се и одржливи. Не се моментални, туку така ќе биде и во септември, октомври, ноември. Како? Врз основа на што? Мене многу ме интересира да го чујам тој одговор. Но, го нема. Така што таа приказна дека ситуацијата се подобрува и нема потреба многу да се крати е приказна за мали деца.

Зошто не одминуваат странските инвестиции? Ајде да кажеме причината за годинава е рецесијата.

Не одминуваат затоа што не сме им атрактивни. Многу едноставен одговор. Зошто никој не ви доаѓа на гости? Па, не сте му атрактивно. Тоа е тоа. Не сме атрактивни затоа што земји како Македонија се во тешка ситуација за привлекување странски директни инвестиции и треба да се трудат повеќе од оние земји кои не мора многу да прават нешто и сите доаѓаат кај нив. Меѓутоа, ние очигледно не правиме добри нешта. Тоа е факт. Не беше само до промоција. Она што оваа влада го направи е промоција за привлекување странски инвестиции. Меѓутоа, не е само до промоција. Очигледно е до многу повеќе работи. Дури и промоцијата, ако не ви е спремен производот, ако рекламирате, и го ставите на пазар со голема реклама, кога прв пат ќе видат дека сте ги излажале со некаква пропаганда, дури тогаш никогаш веќе нема да го купат вашиот производ. А, нашето домашно опкружение не е спремно да прифати странци. Тоа е повеќе од очигледно. Зборам вкупно, тука влегува и државната администрација, судство итн. Ние не сме спремни за повеќе странски инвестиции. Толку колку што имаме, толку и вредиме. Да не се залажуваме.