Микросам произведува за сателитската индустрија

Прилепски Микросам произведе машина која ќе најде своја примена во сателитската индустрија. Со ова Микросам станува еден од производителите на опрема со висока технологија.
Прилепски Микросам произведе машина по врвна технологија која ќе најде своја примена во сателитската индустрија наменета за вселената. Машината за производство на композитни материјали тешка 2,5 тона ќе биде за кусо време испорачана до европскиот деловен партнер, кој и покрај трите реномирани светски производители на ваква технологија, од САД, Швајцарија и Германија, довербата му ја даде токму на прилепскиот производител.

„Во моментов други познати произведувачи на ваков тип машина се наоѓаат во Америка, Швајцарија и Германија. Практично со оваа машина Микросам и Македонија влегоа на мапата на производители на опрема со висока технологија за производство на материјали од импрегнирани карбонски влакна.“

Вели Димитар Богданоски, директор на маркетинг во Микросам. Тој истакнува дека врз овој проект минатите 7 до 8 месеци работел тим од 4 –ца инженери кои го развивале овој особено тежок проект.

„Машина која ке се користи за производство на импрегнирани карбонски влакна, кои имаат примена конкретно за нашиот купувач за вселенската технологија. Значи со нашата машина која е доста флексибилна и од универзален тип ке се произведуваат материјали за изработка на новата генерација на сателити.“

Акцентира Богданоски. Машината има своја повеќекратна намена и затоа според познавачите на приликите е единствена во светот и предничи во однос на машините произведени од веќе етаблираните светски производители. Но, инвентивниот тим на инженери и експерти за врвна и софистицирана технологија кои се ангажирани во Микросам сега работат и развиваат уште еден проект, кој според најавите треба да финиша до крајот на оваа година.

„Се надеваме доколку финансиските можности ни го овозможат тоа да завршиме со развој на една нова машина, чија главна цел е примена во авионската индустрија. Моментално работиме и во завршна фаза е развојот на софтверот кој што е многу комплициран.“

Прилепски Микросам е првата македонска компанија која произведе индустриски робот. Во фирмата која располага со врвен технички и кадровски потенцијал се вработени 50, а 30-мина се инженери и високостручен кадар. По потреба се ангажираат и универзитетски професори при реализација на софистицирани проекти.