Вељаноски: Преговорите за идентитетот би биле предавство

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски рече дека ни една Влада нема мандат да преговара за македонскиот национален идентитет, во обраќањето по повод Илинден пред меморијалниот центар во Пелинце.
- Тоа би било вистинско предавство и на првиот и на вториот Илинден, рече Вељаноски.
Тој, уште еднаш, потсети дека евроатлантските интеграции се стратешки приоритет на Македонија.
Вељаноски рече дека Македонија ги исполнува сите услови за членство во НАТО, но дека не е членка, поради „апсурдниот спор со нашето уставно име кој го наметна нашиот јужен сосед“.
Вељаноски рече дека решението за спорот не може да задира во националниот, културниот или јазичниот идентитет на македонскиот народ и изрази уверување дека околу ова има единство меѓу сите политички субјекти.
Тој, претходно, го посети манастирот „Прохор Пчињски“, каде е одржано Првото заседание на АСНОМ.
Претседателот Ѓорге Иванов слави во Крушево. Oбраќајќи се пред присутните на Мечкин Камен, Иванов рече дека македонската држава е создадена и заснована врз идеалите и вредностите за демократија и човекови права.
- Македонците избрале да ги почитуваат и признаваат сите. Но, во исто време, никогаш да не се откажуваат од сопствениот идентитет и самоопределување, порача од Крушево претседателот Иванов.