Што го чека новиот шеф на НАТО?

Андерс Фог Расмусен

Поранешниот дански премиер Андерс Фог Расмусен кој утре ќе ја преземе функцијата генерален секретар на НАТО го чекаат неколку предизвици: мисијата во Авганистан, односите со Русија и дефинирање на улогата на НАТО.
Најважна задача на новиот генерален секретар на НАТО, 56 годишниот Андерс Фог Расмусен, според експертите, ќе биде како да го интензивира учеството на членките на Алијансата во справувањето со талибанските милитанти во Авганистан. Како што сега стојат работите таму, главниот товар на борбите го носат американските и британските војници.

,,Негова работа ќе биде да се ангажира со владите за да осигура тие да се држат до нивните заложби и одговорности во врска со испраќањето војници во Авганистан.,,

Вели Томас Валасек, директор за надворешна политика во Центарот за европска реформа со седиште во Лондон, додавајќи дека
Расмусен ќе треба да ги убеди русите дека НАТО е сојуз кој би сакал да ја гледа Русија како партнер во прашањата каде што нивните интереси се преклопуваат...
Расмусен знае оти тоа е негова прва задача на новата функција и затоа не смее да дозволи да не успее. Неговиот претходник Јап де Хоп Схефер деновиве изјави дека жали што за време на мандатот не успеал да вклучи повеќе земји членки да учествуваат во НАТО мисијата во Авганистан. Втор итен проблем за Расмусен ќе биде комплетирање на обновата на односите со Русија, нарушени по руската офанзива врз Грузија во минатата година. Врските официјално беа обновени во јуни, но односите остануваат деликатни и сложени и натаму.

,,Тој ќе треба да ги убеди русите дека НАТО е сојуз кој би сакал да ја гледа Русија како партнер во прашањата каде што нивните интереси се преклопуваат, например со источните членки на Алијансата.,,

Вели Валасек, прецизирајќи дека нервозата на Истокот е илустрирана со отвореното писмо што на американскиот претседател Барак Обама кон средината на јули му го испратија дваесетина интелектуалци и порашените лидери на Полска, Чешка, Унгарија и Литванија. Во писмото се изразува загриженост поради тоа што нивниот регион веќе не бил еден од приоритетите на американската надворешна политика, и затоа може повторно да биде вратен во прегратките на старата советска сфера на влијание. Исто така, се бара од Соединетите држави да останат целосно ангажирани во НАТО. Ова се преклопува со уште едно прашање со кое новиот генерален секретар ќе треба да се соочи: Каква ќе биде идната улога на Алијансата во светот? По крајот на студената војна, Вашингтон го замисли НАТО како сојуз кој треба да има клучна меѓународна улога во обновата и зачувувањето на мирот насекаде во светот. Но, тешкотиите во обезбедувањето на мисијата во Авганистан покажаа дека се уште не може да се каже оти таквата замисла е и остварена.