Гасоводот Набуко - Договорен брак

Цереминија на потпишување на Набуко во Анкара на 13 Јули

Напишано на хартија изгледа многу едноставно. До 2014 година ќе се изгради гасоводот Набуко и Азербејџан ќе биде првата или меѓу првите земји кои ќе пуштаат 8 милијарди кубни метри гас низ системот. Гасоводот треба оптимално да функционира до 2020 година, кога би требало да пренесува 31 милјарда кубни метри од суровината, што би задоволило 10 проценти од вкупната европска побарувачка. Тоа ќе ја намали зависноста на ЕУ од рускиот гас. И покрај тоа што портпаролите на Унијата велат дека тоа не е поентата, неименувани дипломати потврдуваат дека на приватните состаноци се барала алтернатива на руската понуда, која е несигурна поради честите расправии со Украина околу цената на гасот. Токму недоразбирањата меѓу Русија и Украина минатата година ја „замрзнаа“ Европа. Сепак останува неодговорено прашањето дали Азербејџан има доволно гас да ја задоволи европската побарувачка? Официјален Баку тврди дека земјата има доволно гас за Набуко. Стивен Бланк, професор по национална безбедност на воениот колеџ на американската армија, пак вели дека проблемот не е во тоа дали Азербејџан има доволно резерви на природен гас со кои ќе го снабдува Набуко туку дали земјата ќе може да се противстави на евентуален притисок од Русија.

,,Проблемот не е во тоа дали има доволно гас во земјата за потребите на Набуко. Проблемот е во тоа дали Набуко има доволно пари за да ги финансира и да обезбеди гаранции за добавувачите дека гасовод може да се изгради од нивната земја, преку Каспиското Море до Европа и дека сето тоа ќе се направи против руската воља. Се чини дека Русија веке му се противставува на проектот, но треба да се обезбедат финансии. Вакви „договорени бракови“ треба да траат долго време и потребно е многу време за да се договорат,,.

Бланк смета дека сите политички и економски ризици се обнединуваат во еден единствен поголем а тоа е дали русите може да го убедат Азербејџан да не го снабдува системот со гас, по што ниту една друга држава во регионот нема да може да излезе со соодветна добавувачка понуда. Ако тоа се случи тогаш, според Бланк, Русија ќе биде победник во економската војна која ја води со Европа.


,,Ако Набуко не се изгради тогаш рускиот гасовод низ Украина и Белорусија е единствената опција за југот. Во тој случај, Русија може да игра улога на моќен снабдувач за Европа. И во тоа е работата. Русите не можат да користат ништо друго освен политички и економски интриги. Гадно е, брутално е, и врзано е со економијата. Иако не станува збор за пушки или војници кои преминуваат граници, тоа е цврста сила,,.

Азербејџан не е единствениот извор на природен гас за Набуко, но претставници на Европската Унија за сега не сакаат да дискутираат за алтернативни извори на суровината. Кенет Грин, кој проучува енергетски прашања, вели дека кога станува збор за алтернативите, единственото прашање не е дали ќе има доволно гас од алтернативните извори. Според Грин, битно е и каква е политичката состојба во земјите кои може да се сметаат за алтернативни добавувачи.

,,Имаме интерес да му помогнеме на Ирак, со што на земјата може да и биде понудено да остварува приходи преку продажбата на природен гас. Во земјата сега, барем декларативно, владее демократскиот режим, што значи дека властите би биле расположени за соработка со западот. Се очекува дека Ирак нема да прави политички игри при снабдувањето со Гас. Но, за сега не можеме да сметаме на Иран, кој веќе трпи санкциии поради својата нуклеарна програма и се заканува на САД и нивните европски сојузници. Преориентирањето од руски Газпром кон Иран ќе биде како скокање од врела тава во оган,,.

Грин додава дека имајки ја предвид политичката криза во Иран, може да дојде до смена на владата со што земјата би станала посигурен снабдувач на природен гас. Исто како и Бланк, Грин вели дека кога станува збор за гасоводот Набуко, во игра се многу опции и многу земји и за сега е речиси невозможно да се претпостави што ќе се случи со гасоводот.