Приоритети на Шведска - Интеграција на Западен Балкан

Лого на шведското претседавање со ЕУ

Шведскиот министер за надворешни работи Карл Билд, во комитетот за надворешни работи на Европскиот Парламент, говореше за приоритетите на Шведска како претседавач со Европската Унија. Според Билд, Шведска, до 31-ви декември ќе се фокусира врз доближувањето на Западен Балкан до Унијата, односите со Русија и нејзините соседи, како и ситуацијата во Иран.

Глобалната економска криза тешко ги погоди фрагилните економии во соседството на Европската Унија, а од тоа како Унијата ќе им помогне на тие земји да се стабилизираат, ќе зависи и глобалната улога и кредибилитетот на Унијата, изјави Билд.


“Улогата на Европската Унија е и во тоа да обезбеди стабилност во фрагилните држави и фрагилните економии. Ако не успееме, нема да успееме и во остварувањето на другите цели”.

Како еден од главните приоритети, Билд го наведе процесот на интеграција на Западен Балкан во Европската Унија. Традиционално расположената за проширување на Унијата, - Шведска, ќе се обиде да го забрза процесот со земјите кандидати, Хрватска и Македонија, како и да биде постигнат прогрес и со останатите земји.

“Би сакал да кажам дека за прв пат по подолго време, силите за интеграција на Балканот стануваат посилни од силите за дезинтеграција. Затоа ова е исклучително важен момент за нас, кој треба да биде искористен во нашата политика за интеграција на тој регион”.
Силите за инеграција, на Балканот за прв пат се посилни од оние за дезинтеграција.


Според Билд, во Србија моментално има реформистичка влада, пријателска кон Европската Унија, а Косово е независно, иако проблем за Унијата е што 5 земји членки сеуште го немаат признаено. Хрватска бележи добар прогрес кон членството, но се појави спорот со Словенија, па Загреб и Љубљана мора да ја смират реториката, порача Билд. Босна и Херцеговина остана надвор од визната либерализација бидејки не ги исполни условите, рече Билд, додавајки дека политичарите не успеваат да ги остварат желбите на младите кои сакаат во Европа. Во врска со преговорите за членство со Турција, Билд истакна дека тоа е крупно прашање, но оти процесот треба да се придвижи напред во наредните месеци. Шведска, голем дел од своето време како претседавач со Унијата ќе потроши и во воспоставувањето на така-нареченото Источно Партнерство со Украина, Белорусија, Молдавија и земјите од кавказот. Во обраќањето во комитетот за надворешни работи на Европскиот Парламент, Билд оцени и дека односите на Европската Унија со муслиманскиот свет се од огромно значење, изразувајки надеж дека во позитивен развој, посебно со промените во американската политика.