ЕК препорача укинување на визите за Македонија, Србија и Црна Гора

Европската Комисија денеска на Советот на министрите на Европската унија му предложи укинување на визите за Македонија, Србија и Црна Гора. Тоа на прес конференција во Брисел го објавија Еврокомесарите за правда и за проширување Жак Баро и Оли Рен.
По препораката почнуваат официјалните процедури а клучно е Советот на Министрите некаде кон крајот на Октомври да донесе одлука за либерализацијата за што е потребно дво-третинско мнозинство. Најрано, ако се е во ред и во зависнот од капацитетите на трите држави безвизниот режим може да се очекува од почетокот на 2010 година. Жак Баро изјави:“Нашиот предлог го зема предвид напредокот направен од овие земји по дијалогот за визна либерализација кој започна во првата половина на 2008-ма година со 5 земји од Западен Балкан. Нашите експерти го рагледаа напредокот и денес можеме да му предложиме на Советот, кој треба да донесе одлука најверојатно во октомври, да бидат укинати визите за Македонија, Србија и Црна Гора од почетокот на наредната година. Македонија направи добар напредок, додека Србија и Црна Гора треба да исполнат уште некои критериуми. Дијалогот за визна либерализација продолжува и со Босна и Герцеговина и Албанија”.