Монтгомери: потребен е нов пристап за трајна стабилност на Балканот

Вилијам Монтгомери

Поранешниот американски амбасадор во Хрватска, Србија и Црна Гора и Бугарија Вилијам Монтогмери во текстот објавен во Њујорк Тајмс, оценува дека сегашните политики за стабилизирање на Балканот не се одржливи.
Американскиот претседател Барак Обама кога пред извесно време го посети Ирак изјави: ,,Она што нема да го дозволиме е во потрагата по совршеното да им стоиме на патот на остварливите цели,,. Ќе биде голем чекор ако тоа се примени во Босна и на Косово. Ова го наведува поранешниот американски амбасадор во Хрватска, Србија и Црна Гора и Бугарија Вилијам Монтогмери во текстот што деновиве беше објавен во Њујорк Тајмс, оценувајќи дека сегашните политики за стабилизирање на регионот не се одржливи.
Тоа е, бидејќи продолжуваме да инсистираме оти е можно, со доволно притисок и охрабрување, да создадеме целосно функционални мултиетнички општества во Босна и на Косово, а без притоа да ги менуваме границите, наведува амбасадорот Вилијем Монтгомери кој порано беше и специјален претседателски советник за Босна. Притоа, како што додава, постојано се игнорираат сите докази кои го говорат спротивното и се опструира секој кој отворено зборува за алтернативни пристапи.
Продолжуваме да инсистираме оти е можно, со доволно притисок и охрабрување, да создадеме целосно функционални мултиетнички општества во Босна и на Косово, а без притоа да ги менуваме границите...

Реалноста е дека никакви закани или поттикнувања, вклучувајќи го и брзото членство во Европската унија или НАТО, нема да ги убеди босанските срби да пренесат значаен дел од овластувањата што им се дадени со Дејтонскиот договор врз централната власт на што инсистираат босанските муслимани. Тоа, како што наведува амбасадорот Монтгомери, ги продолжува тензиите меѓу двата ентитета и сите напори на западните политичари, како и последниот на потпретседателот Бајден, ги прави да бидат како ставање квадратен клин во округла дупка.
,,Знам што зборувам, бидејќи петнаесет години бев еден од оние што го правеа тоа. Конечно сфатив дека историското искуство во тој регион имплементира поинакво мислење од нашето. Ние продолжуваме да очекуваме луѓето од Балканот да мислат и да реагираат како нас. Тоа нема да се случи,, наведува Монтгомери, додавајќи: ,,На Косово реалноста е дека повеќето срби го имаат напуштено и оти никогаш нема да се вратат. Оние што останаа пак веруваат дека ќе можат да ја игнорираат централната власт и да добиваат политичка и финансиска помош од Србија. Тие и се однесуваат како да живеат во Србија. Досега косовските албанци се трпеливи, но опозиционите политичари на Косово веќе почнаа да ја критикуваат владата поради нејзината пасивност.
Ние продолжуваме да очекуваме луѓето на Балканот да мислат и да реагираат како нас. Тоа нема да се случи...

И на Косово и во Босна треба да разгледаме поинакви решенија. Можеби нема да ни се допаѓаат и ќе доведат до други компликации, но кои ќе бидат остварливи. Тоа е единствениот начин меѓународната заедница да го заврши своето инволвирање на Балканот. На Косово тоа значи извесна поделба меѓу албанците и србите, комбинирана со заедничко признавање. Босна е посложена. Решението можеби води до одржување референдум за незвисност на Република Српска. Ова би требало да вклучува и многу гаранции за идните односи и се да биде раководено од меѓународната заедница. Во двата случаја, би било неопходно да се демонстрира волја и подготвеност да се употреби воена сила за да се спречат насилставата на тој пат, смета Монтгомери, наведувајќи дека и во Босна и на Косово независните локални сили можат да ги земат работите во свои раце и за кратко време да доведат до обнова на насилствата кои тешко ќе ги запреме. Ние едноставно не можеме да си дозволиме повеќе да се заплеткуваме на Балканот. И како алкохоличар чиј прв чекор е да признае дека има проблем, ние треба да прифатиме дека сегашните политики не се одржливи. Дури тогаш ќе можеме да размислуваме конструктивно за решенијата кои можат да доведат до трајна стабилност во регионот, заклучува поранешниот американски амбасадор во Загреб, Белград и Софија Вилијам Монтогмери во текстот, објавен во Њујорк Тајмс.