Светот ги осуди севернокорејските нуклеарни и ракетни проби

Северна Кореа соопшти дека денеска успешно извршила подземна нуклеарна проба. Светот го осуди ваквиот чекор. За денеска е свикана итна седница на Советот за безбедност на ООН.
Севернокорејската официјална новинска агенција објави дека пробата била извршена со цел зголемување на одбраната на земјата.

,,Демократската Народна Република Кореа на дваесет и петти мај успешно изведе уште една подземна нуклеарна проба како дел од мерките за зајакнување на нуклеарната самоодбрана.,,

Во веста, прочитана на севернокорејската телевизија се додава дека експлозијата била многу посилна од првиот нуклеарен тест на Северна Кореа, извршен во октомври две илјади и шестата година. Јужнокорејската новинска агенција Јонхап објави дека по
Дојдовме до фазата кога меѓународната заедница треба да дејствува единствено во врска со севернокорејската нуклеарна програма.
..
извршената нуклеарна проба, Северна Кореа тестирала и три ракети со краток дострел. Агенцијата не соопшти детали, ниту извори за ваквите вести, а јужнокорејската армија одби да ги коментира. Американскиот Геолошки институт соопшти дека денеска регистрирал земјотрес во Северна Кореа со интензитет од четири запирка седум степени според Рихтеровата скала. Во Јужна Кореа веднаш е свикан националниот совет за безбедност, а Јапонија побара итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации.

,,Севернокорејскиот нуклеарен тест е тежок предизвик против Договорот за неширење на нуклеарното оружје и јасно кршење на резолуцијата на Советот за безбедност. Тоа никако не треба да се дозволи. Дојдовме до фазата кога меѓународната заедница треба да дејствува единствено.,,

Изјави јапонскиот премиер Таро Асо. И Европската Унија и Соединетите држави оценија дека пробата претставува јасно кршење на резолуциите на Советот за безбедност. Американскиот претседател Барак Обама изјави дека северно корејските ракетни и нуклеарни проби претставуваат сериозна закана за сите земји и затоа е потребна акција од меѓународната заедница. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во врска со најновата проба изјави:

,,Секако дека сме загрижени за извештаите дека Северна Кореа извршила нуклеарна проба.,,

Рускиот амбасадор во Њујорк Виталиј Чуркин најави дека Советот денеска ќе расправа за новиот развој на настаните. Северна Кореа неколку недели се закануваше дека ќе изврши нуклеарна проба како одговор на зајакнатите санкции на Обединетите нации кои беа воведени откако Пјонгјанг во минатиот месец лансираше ракета со долг дострел. По санкциите Северна Кореа се повлече и од шестпартитните преговори за нејзиното нуклеарно разоружување.