Албанските партии ќе ја бојкотираат инагурацијата на Иванов?

Новоизбраниот претседател Ѓорѓе Иванов и претседателот на Собранието Трајко Вељановски

Новоизбраниот претседател Ѓорге Иванов, веројатно, ќе ја преземе функцијата без присуство од партиите од албанскиот политички блок. Нова демократија денеска треба да одлучи, дали ќе се појави на свеченоста. Претседателот на ДПА Мендух Тачи веќе најави дека нема да присуствува на инаугурацијата, зашто нема за што да разговараат со Иванов.

„Нема ништо што да му кажам, нема ништо што да слушнам од него.“
Сметам дека евентуалниот целосен бојкот од сите политички партии на Албанците, ќе значи дека господинот Иванов ќе биде еден од најнепопуларните шефови на државата, кај албанската етничка заедница, што ќе биде хендикеп на меѓународен план


Бојкот на свечената седница се спрема, поради тоа што косовскиот претседател Фатмир Сејдиу не е поканет на свеченоста.
На инаугурацијата ќе присуствуваат претседателите на Албанија, Србија, Хрватска и на Црна Гора - Бамир Топи, Борис Тадиќ, Стипе Месиќ и Филип Вујановиќ, како и претставник на турскиот претседател Абдула Ѓул.

Откако македонските власти, неколку дена, избегнуваа да одговорат дали го поканиле, вчера, косовскиот претседател Фатмир Сејдиу потврди дека не добил покана за присуство на свеченоста. Во ДУИ се уште не одлучиле дали ќе присуствуваат на седницата и велат дека „благовремено ќе се знае“. Професор Јетон Шасивари вели дека ако ДУИ ја бојкотира седницата, тоа би било знак на сериозна криза во владеачката коалиција.

„Сметам дека евентуалниот целосен бојкот од сите политички партии на Албанците, ќе значи дека господинот Иванов ќе биде еден од најнепопуларните шефови на државата, кај албанската етничка заедница, што ќе биде хендикеп на меѓународен план, затоа што ќе се доживува повеќе како претставник не на сите граѓани на Република Македонија, туку на граѓаните што припаѓаат на мнозинската етничка заедница.“

Политикологот Жидас Даскаловски од Центарот за истражување и креирање политики вели дека дури и делумниот бојкот на инаугурацијата од страна на партиите од албанскоит политички блок, ќе значи дека тие ја ставаат под прашалник легитимноста на претседателот. Тоа ќе значи ниско ниво на политичка култура во земјата, вели Даскаловски.
Повторно ќе се доведеме во ситуација политичкиот дијалог да биде оценет како недоволно функционален и недоволно коректен


„Има тука еден елемент кој е неповолен во однос на евро атлантските интеграции и бенчмарковите на ЕУ, затоа што повторно ќе се доведеме во ситуација политичкиот дијалог да биде оценет како недоволно функционален и недоволно коректен.“

Опозиција ги бојкотираше инаугурациите на двајцата претходни претседатели Борис Трајковски и Бранко Црвенковски. Тогаш бојкотот имаше политички предзнак, зашто опозицијата тврдеше дека претседателите се избрани на нефер избори. Овој пат најавите за бојкот имаат етнички предзнак.