Во Македонија се продаваат куќи ставени под хипотека!?

Прилеп

Розе и Борче Крстески цел живот работеле, печалеле, делеле велат за да си купат една пристојна куќа, која ќе ја направат сигурен дом за своите два сина, за да не одат и тие под кирија, по туѓи куќи, за да не страдаат и да не се мачат. Успеале во нивната намера. Пред 10 години тие за 30 илјади германски марки купиле стара куќа и сите пари потоа што ги заработувале со труд и мака ги вложиле во куќата. Велат од шупа, ја направиле вистински дом. И кога се почувствувале малку посигурни за својата иднина, преку ноќ, им стигнало судско решение од кое дознале дека братот на тројцата сопственици од кои што ја купиле, ја заложил куќата во Штедилницата ТАТ. Од тогаш започнал нивниот кошмар. Тие се фрапирани од оваа вистина, зашто при купопродажбата прилепскиот суд им издал потврда во која јасно стои дека куќата не е под хипотека. А, сега од истиот суд добиваат решение со кое на штедилница ТАТ и се овозможува своето парично побарување да го продолжи кон новите сопственици на куќата. Судскиот процес меѓу ТАТ и должникот, траел со години, но Крстески како нови сопственици, тврдат никогаш не биле повикани на суд.

„Еве ја таа потврда дека не е под хипотека, ако била под хипотека не сме малоумни да ја купиме и да реновираме и да вложуваме 10 години од животот и 20 од работата. Ние немаше тоа да го дозволиме, немаше да ја купиме и подарок да ни даваа не идевме.“

Вели Борче Крстески, гневен што судот донел таква пресуда.Тој објаснува дека со судската потврда дека куќата не е заложена, со уредни
Тие се фрапирани од оваа вистина, зашто при купопродажбата прилепскиот суд им издал потврда во која јасно стои дека куќата не е под хипотека
документи пред 10 години отишле кај нотар, го завериле купопродажниот договор, а само два дена потоа од катастарот добиле уверение дека тие се новите сопственици на куќата. Гневни на последното судско решение Крстески поднеле жалба.

„Бев и до Претседателот на Судот, бев и кај судијата, барај начин, барај, суди, тужи, а не знам веќе како. Судијата рече дека сме во право, ама како не осуди да бидеме криви. Вели не е према вас обвинението, према куќата.“

зборува крајно револтиран Крстески. Тој е сигурен дека грешката ја направил судот, затоа бара итно да биде стопирано решението. Случајот го пријавил во МВР, во Обвинителството и не е во дилема, туку тврди дека ќе го пријави во Републичкиот судски совет и кај Народниот правобранител. Судијата Зоран Стеваноски тврди дека решението што го донел не значи дека на Крстески ќе им биде одземен имотот. Сигурно нема да се иселат од куќата вели Стеваноски зашто имаат цела лепеза правни средства кои им се на располагање.