Пчеларите бараат повисоки субвенции

Прилеп

Богоја Неданоски од прилепското село Царевиќ, одгледува 200 пчелни семејства и просечно годишно добива по 4000 килограми квалитетен планински мед. Макотрпна и многу одговорна е оваа работа вели, но произведениот мед е со неспоредливо поголем квалитет од оној на пчелните семејства кои се сместени во ливадите крај градот. Неданоски живее од оваа професија, затоа се жали и бара повисоки субвенции од државата:

„Проблем имаме, требаше субвенцијата да биде поголема. Лани субвенциите беа 10 евра, но зедовме само 400 евра, а годинава ќе земеме 500 денари, што е малку.“

Прилепчанецот Благоја Илиески е пчелар полни 54 години. Вели уште кога бил дете ја почувствувал огромната љубов кон пчелите и професијата што ја наследил од семејството. Некогаш се живеело од оваа работа, но денес се соочува со повеќе проблеми:

„Заштита, пласманот на медот, квалитетот на медот.. Се купува од било каде, а тоа не е квалитетен мед.“

А, Благоја Стојаноски од Дреновци смета дека државата треба да помогне во заштитата на пчелните семејства, едно од условите за производство на квалитетен мед кој е баран на странските пазар.

„Најголем проблем е заштитата на пчелни семејства од болести. Пазарот во Македонија не произведува, односно ги нема средствата за заштита на пчелните семејства.“

Високиот квалитет е гаранција за сигурен пласман, велaт од прилепското здружение „Братство„каде членуваат 100-тина пчелари. Тие барат од државата помош за организиран пласман на медот, но и поголем инспекциски надзор на неквалитетната понуда на домашниот пазар, која тврдат доаѓа од увоз.Сепак сите инсистираат нивното производство да биде стимулирано со повисоки субвенции:

„Барем 30% бараме да биде поголема субвенцијата, значи директното помагање на пчеларите во органското производство.“

вели Зафир Зафироски, претседател на здружението кое е едно од најактивните во државава. Инаку, годишното производство на мед во Прилепско изнесува околу 120 тони или остварен приход од 400 000 евра.Интересот за пчеларство се зголемува, за што потврда е фактот што лани е евидентирано за 20% поголемо производство во споредба со 2007 година.