200 годишнина од раѓањето на Гогољ

Скопје

И Република Македонија, со низа манифестации, ќе се вклучи во одбележувањето на големиот јубилеј: 200 годишнината од раѓањето на Николај Василевич Гогољ, една од големите привилегии на светското културно наследство, книжевник, писател, хуморист и сатиричар, основачот на критичкиот правец во рускиот реализам, авторот на Тарас Буљба, Мртви души, Избрани места од преписките со другарите, Вечери на чифлигот покрај Диканка, Миргород, Арабески и една од најсовршените пиеси Ревизор. Чествувањето ќе започне со отворањето на изложбата Гогољ во македонските театри, а ќе продолжи со изведбата на Женидба на Народниот театар од Битола.

„Гогољ е автор кој што актерите многу го сакаат, затоа што е жив и добар за игра.“

истакнува Сашо Миленковски, директор на МНТ. Соорганизатори на ова случување се Руската амбасада во Македонија и Здружението на руските сонародници во земјава ЧАЈКА. Говорејќи за значењето на одбележувањето на овој јубилеј во светски рамки и за манифестациите што ќе бидат одржани во земјава, Елена Силјаноска, која е раководител и на Руската читалница при НУБ Климент Охридски во Скопје и наедно официјален претставник на Интернационалната федерација на рускојазичните писатели во нашава држава, ќе забележи:

„Во текот на целата година ние ќе се навраќаме на Гогољ.“

А, режисерката Наташа Поплавска, пак, која има и руско потекло и заедно со г-ѓа Силјаноска како авторки го вообичија одбележувањето на овој значаен јубилеј, откако ќе си спомне дека Бранислав Нушиќ авторот чија Госпоѓа Министерка деновиве ја постави на сцената на МНТ велел дека токму Гогољ бил примерот за него како треба да се пишува, та и тоа што своевремено го рекол Достоевски – Сите ние излеговме од под шинелот на Николај Васиљевич, за проектот ќе забележи:

„Наша идеја беше дека можеби треба да обновиме некој наш Гогољ, некоја наша претстава, но од друга страна помисливме дека е добра идеја да дојде и Битолскиот народен театар кои одамна не биле наши гости.“

Инаку, Гогољевата комедија Женидба на сцената на Народниот театар во Битола, во 2006 година, со успех ја постави бугарската режисерка Лилија Абаџиева. Улогите во претставата ги толкуваат Викторија Степановска, Габриела Петрушевска, Кристина Христова Николова, Рубенс Муратовски, Иван Јерчиќ, Огнен Дранговски, Методија Колоски, Мартин Мирчевски, Илина Џоревска и Никола Пројчевски, сценограф е Васил Абаџиев, а костимограф Благој Мицевски.