Премиера во Градскиот театар

Театарска претстава

Кој сум? Што сум? Што ме прави човек? Ова се само дел од прашањата што ги поставува театарската претстава Последната лента на Крап работена по текст на Нобеловецот Семјуел Бекет, еден од најзначајните автори на театарот на апсурдот и пророкот на авангардата и постмодерната, која како втора премиера на новосоздадениот Градски театар Скопје ја постави режисерот Ристо Алексовски. Се работи за драма која е напишана во периодот по Втората светска војна, средниот и творечки најплодниот на Бекет, времето во кое е создадена и неговата класика Чекајќи го Годо и уште трите романи Молој, Малоун умира и Безимени, кои, пак, на ирскиот автор кој за своја втора татковина ја одбира да му биде Франција ќе му го донесат статусот на еден од најзначајните писатели на 20 век. Во неа тој го опишува своето искуство во мајчината соба по нејзината смрт и откровението што притоа го доживеал.

„Тоа што се потрудивме да го претставиме во оваа пиеса е жртвата, посебно жртвата на една каста на луѓе наречени актери кои се жртвувааат до таа мера, што евентуално се губат самите себе си.“

вели Алексовски, кому по поставките на Дневникот на лудиот од Гогољ, Лет над кукавичјето гнездо на Кенкиси и Дома од Људмила Рудимовскаја во театрите во соседна Бугарија, ова му е четвртата премиера во професионалната кариера по завршувањето режија на Националната театарска акдемија во Софија. Интересно е притоа што тој за единствената улога во Последната лента на Крап го одбрал својот колега и пријател од студентските денови, актерот Златко Митрески.

„Најинтересното за мене, како актер, беше токму загубувањето на некоја наредна стапка за продолжување на претставата како процес,“

вели Митрески, кој дополнува дека обајцата поминале низ навистина возбудлив и макотрпен процес на креирање на претставата и дека по долгите преиспитувања и конфликти, конечно се доста задоволни од постигнатото во овој проект. Кон ова само информацијата дека, музиката е дело на Зоран Митрески, а говорејќи за спецификите на оваа претстава со која како што самиот забележува дека ја заокружува сопствената примарна потрага по идентитетот во театарот, режисерот Алексовки ќе забележи:

„Тие ѕидови што Златко ги спомна беа ѕидови коишто требаше да се срушат со нашата имагинација и тела, ги срушивме.“

Репризата на Последната лента на Крап Градскиот театар Скопје ќе ја одигра на почетокот од следниот месец.