Денови на македонската музика

Концерт

Со концерт на Македонската филхармонија под диригентство на Борјан Цанев и свечено доделување на годишните награди на Сојузот на композиторите, утре во 20 часот во Домот на Армијата на Република Македонија, започнуваат 32-те Денови на Македонска музика. На Фестивалот, до 27 март годинава, ќе бидат премиерно изведени 20-тина дела со изведба на репродуктивни уметници од земјава и од странство.
За отворање на 32-то издание на Денови на македонска музика, манифестацијата чиј организатор е Сојузот на композитори на Македонија, две премиерни изведби на композиции и еден концерт со кој се одбележуваат 50 години од раѓањето на прерано починатиот македонски композитор Гоце Коларовски. Македонската филхармонија под диригентство на Борјан Цанев ќе ги изведе композициите Пред портата на пеколот од Стојан Стојков, патем инспирирана од поемата на Ефтим Клетников Мажот и жената свртени со лицето наспроти месечината, Зодијак на Сони Петровски инспирирана од 12-те хороскопски знаци и Концертот за оркестар што Коларовски, пак, го напиша во 1992 година. А, потем на сцените во Музеј на Град Скопје и салонот на Македонска опера и балет, безмалку уште 20 праизведби на дела и серија на настапи на македонските репродуктивни уметници и гостите од странство, промоции на зборникот Балканскиот полуостров како музички крстопат, списанијата Музика и Македонска музика, книгата Македонско црковно пеење од д-р Јане Коџабашија, новите дискографски изданија на СОКОМ од 2008 година и предавање на тема: Современата холандска музика во изминативе четири години што ќе го одржи композиторот Густаво А. Трухијо од Ротердам.

„Не треба многу да се зборува за деновите на македонска музика затоа што тие се единствената можност каде што на интегрален начин може да се претстави македонското творештво.“

вели Марко Коловски, претседател на Сојузот на композитори. Од своја страна, пак, Јана Андреевска, селекторка на програмата на манифестацијата, говорејќи за актуелниот концепт како особено значаен момент го потенцира фактот што благодарение на заложбата за присуство на странски уметници на манифестацијата се зголемуваат изведбите на делата на домашните автори на сцените во светот.

Но, наспроти покровителството од Министерството за култура, поради недостиг на средства, годинава на манифестацијата ќе изостанат концертите кои негуваат поинаква естетика или жанр, како што се современата електронска музика или џезот.

Наградата за најдобро премиерно дело од македонски автор Панче Пешев ја доби Вокална симфонија опус 53-б од Димитрие Бужаровски изведено на Нишките хорски свечености, а наградата Георги Божиков која се доделува на ансамбли или музички уметници за најдобра изведба на дело од македонски автор ја доби ДИОТИМА КВАРТЕТ од Франција за изведбата на гудачките квартети на Михајло Трандафиловски и Валентина Велковска Трајановска токму на минатотогодишното издание на овој фестивал.
Инаку, завесата на манифестацијата ќе биде спуштена со концертот на Камерниот оркестар Штутгарт, кој под диригентство на Патрик Штрауб, ќе изведе дела на Фокс, Аврамовски, Трандафиловски и Нелдеке.