Градоначалничка трка во Куманово

Околу четири стотини кандидати од повеќе партии и здруженија на граѓани,за влегување во 33-члената советничка листа на најголемата локална самоуправа во државава, деновиве се обидуваат на граѓаните на Куманово и неговата околина да им ги стават розовите очила. Облечени како за на свадба, со вештачки насмевки и неприродна љубезност советниците ги следат нивните кандидати за градоначалници, нивната верба за подобра позиција и подобар живот да им ги пренесат и на одамна сиромашните кумановци. Меѓу кандидатите за советници се лекари,инженери,професори,докажани спортисти,по некој пензионер, но и невработени млади луѓе кои својата перспектива во градот ја гледаат само преку партиската активност. Кандидатите за градоначалничката функција од двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја презентираат програмата пред граѓаните, ветуваат дека доколку им биде укажана довербата токму тие се најкомпетентните кои ќе обезбедат да потече мед и млеко.
Зоран Дамјановски од СДСМ кој во вториот мандат ветува дека ќе ги доврши започнатите и ќе реализира нови проекти вели:

„Ќе делувам во шест правци. Од капиталните инвестиции се завршување на гасификацијата, изградба на санитарна депонија, нов водоснабдителен објект и малиот плоштад со подземни гаражи. Од помалите се инфраструктурни објекти во приградските населби, канализациони мрежи, мини пречистителни станици, локални канализации, а во образованието седум нови спортски игралишта, реконструкција на училишта и санитарни јазли, реконструкција на паркот.“

И Петар Поп Арсов ветува поубав град и попријатно место за живеење. Меѓу инфраструктурните објекти во градот и приградските населби тој во неговата програма наведува и инвестиционо вклучување на над илјада печалбари во Ирак и Авганистан.

„Печалбарите во Ирак и Авганистан имаат средства кои не знаат на кој начин да ги инвестираат. Ќе им овозможиме преку здружување, непосредни здружувања во мали бзиниси, во изградба, значи ќе бидат стимулирани нивните пари да не лежат во банки, туку да бидат инвестирани на пазарот на парите.“

Кумановци пак навикнати на предизборни додворувања кокетираат и со едните и со другите,а понекои и со сите. И како што велат, веќе научиле во определбата да го преферираат личниот и семејниот интерес над идеолошкиот.