Поздравено усвојувањето на извештајот на ЕП за Македонија

Претставниците на македонската влада и опозицијата го поздравија усвоениот извештај од Европскиот Парламент, во кој се препорачува Македонија до крајот на годинава да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ и целосна визна либерализација. Вицепремиерот Ивица Боцевски оцени дека усвојувањето на извештајот претставува ,,дипломатска победа“ за Македонија, а ваквиот чекор на ЕП го поздрави и опозиционата СДСМ. Во извештајот за напредокот на Македонија што го усвоија европарламентарците, се наведува дека тоа што земјата сеуште нема добиено датум за преговори, има демотивирачки ефект врз државата и граѓаните и го зголемува ризикот за дестабилизација на регионот. ,,За да се прекине таквата состојба Европската Комисија треба да одреди дата за почеток на преговорите до крајот на годинава“ стои во извештајот усвоен денеска во Стразбур.